Македонија
24. February 2025 - 16:37

Реконструкции во здравствениот сектор – нов лик на ГОБ ,,8-ми Септември" и карил

Ќе заврши дождливото време за хирурзите ог ГОБ 8-ми септември кога се во операционите сали. Нема да прокапува и да собираат вода во кофи бидејќи ќе има целосна замена на кровната конструкција во установата. Ова е дел од проектот што чини 12 милиони евра со кој освен кровот нов лик до октомври ќе има и оперативниот блок, интензивна нега и неколку лаборатории во болницата.

-Целосната реконструкција и опремување предвидува целосно да се реконструира хируршкиот дел во површина од 2 илјади квадратни метри со 7 операциони сали, од кои 2 ќе бидат за абдоминална хирургија, две сали за уролошки интервенции, една сала за уво нос и грло, една за очна хирургија и првпат се воведува роботска хирургија, нешто што сме го гледале само во странство, изјави Александар Николовски, вицепремиер и министер за транспорт и врски.

Освен болницата 8-ми септември, наредната недела стартува реконструкцијата на КАРИЛ за што здравствените установи добиле известување да не препраќаат пациенти во оваа клиника. Месец дена подовна ќе бидат реновирани и 10 операциони сали на хирургија, најави министерот за здравство. Таравари вели дека се координирани и поради овие зафати нема да трпат пациентите и нема да има застој во хируршките интервенции.

 Можеби ќе има и поголем капацитет бидејќи во меѓувреме инвестиравме во интензивна нега на Инфективна клиника, која што во петок веќе се пушта во употреба. Така што, се е планирано, се е предвидено и се надевам дека нема да има некакви потешкотии или проблеми, се е под контрола, вели Арбен Таравари, министер за здравство.

Некоректно е било кој да каже дека услугите може да се пружаат само на КАРИЛ затоа што, да не се лажеме, истите доктори, истата опрема, истиот персонал, истата едукација е и во ГОБ „8 Септември“ и во „Св. Наум Охридски“. Некоректно е да се заплашува населението дека ако не функционира КАРИЛ ќе се случат не знам какви работи во однос на пациентите, изјави д-р Небојша Настов, директор на Клиника за хируршки болести Св. Наум Охридски.

Парите за реконструкција на ГОБ 8-ми септември се обезбедени и се дел од договор со ТАВ. Освен 12 милиони евра за болницата, има и 2,7 милиони евра за нова административна зграда и нов лик на охридскиот аеродром “Св. Апостол Павле. “