Loading Video...
Македонија
24. February 2025 - 16:45

Демохристијанската ЦДУ победи на изборите во Германија

Демохристијаните победија на изборите во Германија. Во гласање со рекордна излезност од 84% коалицијата на идниот канцелар Мерц освои нешто под 30% од гласовите пред крајната десница АФД која ја поддржа петина од гласачите. Партијата на досегашниот канцелар Шолц се пласираше на третото место со поддршка од нешто над 16%, еден од најслабите резултати во историјата на социјалдемократите.

Мерц се чини ја постигна целта и со 208 пратеници веројатно ќе успее да формира Влада само со социјалдемократите кои обезбедија 120 мандати и на тој начин ќе ја изолира ултра десничарската АФД. Анализите на германските медиуми покажуваат дека овие две партии сами ќе имаат мнозинство во бундестагот кој брои 630 столчиња. Во игра за коалиција се и зелените кои имаат 85 пратеници.

Иако бројките му одат во корист, аналитичарите велат дека на Мерц нема да му биде лесно да формира Влада со левицата особено имајќи ги предвид длабоките разлики во делот на миграциските и економските политики каде ставовите на ЦДУ изгледаат поблиски до оние на крајната десница. Но АФД е надвор од сите математики за нова Влада, иако лидерката вели дека се подготвени за коалиција

Социјалдемократите и со пораз можат да влезат во новата Влада. Актуелниот канцелар Шолц рече дека се повлекува и дека нема да биде дел од разговорите за новата владина коалиција. Тој го призна поразот и им се заблагодари на поддржувачите.

Изборите во Германија може да донесат сериозни промени на светската политичка сцена особено во односите со Америка чија нова администрација нескриено ги поддржуваше ултра десничарите. Мерц во првото интервју по изборите го доведе во прашање постоењето на НАТО во оваа форма коментирајќи дека Европа мора да работи на дистанцирање од САД и чекор по чекор да стане независна констатирајќи дека Трмап нема разбирање за европските интереси.