Балкан
26. April 2016 - 13:29

Речиси 90 проценти од Сиријците во Турција живеат надвор од бегалските кампови

Речиси 90 отсто од сириските бегалци во Турција живеат надвор од бегалските кампови и таа ситуација е загриживачка, изјави денеска портпаролката на Светската програма на Обединетите нации за храна, Бетина Лошер. 

- Загрижени сме поради ситуацијата во Турција, каде има најмногу сириски бегалци. Мошне не загрижува ситуацијата поврзана со обезбедување храна и тоа што ситуацијата се влошува, рече таа и додаде дека речиси 90 отсто од бегалците живеат надвор од камповите и немаат работа. 

Лошер нагласи дека е неопходно итно да се одредат најранливите категории и да им биде укажана помош. 

Според неа Светската програма на ОН за храна работи заедно со турската Црвена полумесечина и во моментов пружа помош на речиси 250 илјади од Сиријците, кои имаат најголема потреба од помош.