Македонија
28. August 2024 - 16:41

Расте бројот на нелегални таксисти во Скопје

Недостигот на автобуси во Скопје ги намножи дивите таксисти. По долго чекање на постојките, граѓаните се откажуваат и се качуваат во такси. Поради големиот број повици, легалните такси компании не се во можност да ги услужат сите, вели претседателот на Групацијата на авто-такси превозници, Сашо Рајчановски. Според него, проблемот е во тоа што се намалува бројот на легални, додека дивите таксисти, кои работат без лиценца, ги има се повеќе.

Зголемена е работата на такси компаниите, повиците се зголемени. Ама такси компаниите кои работат легално, не можат да одговорат на тие потреби. Од која причина? Таму се намалува бројот бидејќи сите сакаат на диво да си работат, а дивите таксисти се намножуваат од ден во ден. Гледаат на автобуските постојки дека има многу патници. Полека се движат, оној што се брза, што има потреба, луѓето стварно имаат потреба од една до друга дестинација, не можат веќе да чекаат автобус, сведоци сме дека веќе со часови чекаат автобуси и застануваат такси без да размислат кое е тоа такси, дали има лиценца, дали имаат фискална или немаат, тие сакаат да отидат до таа дестинација. Плаќаат зашто стварно се приморани и после тоа реагираат. Возење кое чини 150 денари го плаќаат 400-500 денари. Еве отидете до клиника, државна болница, ќе видите колку ќе ви побара до Центар“ – Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје

Рајчановски вели Градот Скопје како институција треба да ги активира сообраќајните инспектори за да стават ред.

За решението не треба ни советот да гласа, не треба ни 1 денар финансии, само треба градоначалничката да го повика инспекторатот и да им каже: слушајте, од утре сакам да се реши такси превозот. И готово. Ако таа не ги менаџира работите не може да се решат“ – Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје

Да се даде проценка за бројот на диви таксисти е тешко, но според неговите проценки соодносот е голем.

Овие месеци, страшна е бројката. 80 со 20 е соодносот, во корист на дивите таксисти. Страшна е работата. Па видете само во Агенција за вработување колку има пријавено такси возачи. Па нема ни 100. Ќе ја снема организираната такси служба во градот Скопје. А главен град е“ – Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на авто-такси превозници на Град Скопје

Состојбата со јавниот превоз со месеци е влошена, а поголеми проблеми ќе има од понеделник кога почнува учебната година со што ќе има се повеќе патници. Директорот на ЈСП најави дека ќе се сервисираат триесетина расипани автобуси, но и тоа нема да биде доволно.

На утрешната седница пред советниците во Градот повторно ќе се најде проектот БРТ од мандадот на Шилегов кој стои закочен, како и предлог одлуката за набавка на нови еко автобуси. Во образложението за набавката се вели:

Крајна цел за донесување на оваа одлука е да се обезбеди нов градски превоз во главниот град, преку ефикасна и економска траснпортна мрежа. Воведувањето на еколошки автобуси ќе го намали загадувањето на воздухот и ќе обезбеди брз, безбеден и квалитетен превоз, кој ќе го подобри квалитетот на животот на граѓаните“.

Според последниот извештај на државна статистика, во второто тримесечје од годинава, бројот на превезените патници во градскиот превоз е намален за 14.5%.