Mасовно труење со храна на питомци од Bоената академија „Генерал Михајло Апостолски“
Десет питомци од Воената академија “Генерал Михајло Апостолски” вчера завршиле на Инфективна со симптоми карактеристични за труење со храна.
-Со симптоми на гадење, повраќање, болки во стомак, а кај некои и со течни столици. Вкупно кај нас се евидентираним 10 случаи, третирани се амбулантски, освен еден од питомците кој бил повеќе дехидриран тој е задржан на Клиниката и тој денес се чувствува добро и неговата општа состојба е стабилна, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.
Од министерството за одбрана информираат дека дваесет питомци и двајца офицери на Центарот за обука на питомци на Воената академија вчера рано наутро и во текот на денот пријавиле дека имаат мачнина проследена со повраќање. На стомачни тегоби се пожалиле и 4-ца војници во касарната „Боро Менков“ во Куманово.
По добиената информација од страна на министерството веднаш е побарано Воено медицинскиот центар заедно со инспекторите од Центарот за Јавно здравје и од Агенцијата за храна и ветерина да истражат на што се должи овој случај, се вели во соопштението од одбрана.
Инспектори од АХВ, ДСЗИ, ИЈЗ и скопскиот центар за јавно здравје вчера извршиле вонреден инспекциски надзор во кујната каде се подготвувала храна за питомците, како и во комбињата за транспорт и мензата во касарната. Од сите места биле земени примероци за анализа и мостри од храната. Директорот на ДСЗИ вели дека при надзорот кај операторот биле констатирани незадоволителни санитарно хигиенски услови, а вработените редовно оделе на санитарни прегледи.
-Од страна на ДСЗИ беше направен записник и со службена лента објектот кујна беше затворен и издадено е решение за времена забрана за вршење дејност и наложени се противепидемиски мерки, изјави д-р Кирил Лазов, директор на ДСЗИ
Резултатите од анализите на земените примероци од работните површини, храната, но и водата треба да бидат готови викендот, по што ќе се знае што го предизвикало масовното труење на 30-тина питомци на Воената академија.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар