Бизнис
12. December 2017 - 14:10

Раст на странските туристи во Македонија, Скопје најпосетено

Македонија во текот на октомври 2017 година ја посетиле 55.244 странски туристи кои оствариле 104.118 ноќевања. Најпосетено било Скопје, кое го посетиле 26.190 странски туристи, а најбројни биле туристите од Турција, Грција и Србија.

Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на странски туристи е зголемен за 21,1 отсто, а бројот на ноќевањата за 15,4 проценти.

Во истиот месец бројот на домашни туристи изнесувал 22.535 туристи, кои оствариле 61.630 ноќевања. Бројот на домашни туристи и ноќевања остварени од нивна страна е намален за 5,3 проценти, односно за 5,9 отсто.

Вкупниот број туристи во октомври изнесува 77.779, а бројот на ноќевања 165.748.

Во периодот јануари-октомври 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на  туристите е зголемен за 16,3 проценти, при што кај домашните туристи има зголемување за шест отсто, а кај странските за 23,4 отсто.

Во периодот јануари-октомври 2017 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 12 отсто и тоа кај домашните туристи има зголемување за 4,8 отсто, а кај странските има зголемување за 22 отсто.