Расправа во Врховниот суд дали државата е одговорна што македонските граѓани дишат загаден воздух
Врховниот суд на Република Северна Македонија, денеска на општа седница расправаше за тоа дали држaвата е одговорна што македонските граѓани со години дишат загаден воздух. Врховните судии расправаа по Иницијатива за утврдување начелен став и начелно правно мислење, поднесена од Адвокатското друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“, односно колку државата обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно законски утврдените должности и надлежности во областа на животната средина.
Правото на здрава животна средина е загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија во членот 43 „Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.”
Ова доаѓа откако двајца македонски граѓани поднесуваат тужби до Управен суд за заштита на слободите и правата, каде наведуваат дека дишат енормно загаден воздух и бараат од државата да донесе стратешки акционен план за заштита.
Како што беше посочено од страна на судијата известител Џемали Саити, Врховен има одлучувано три пати по конкретниот предмет. Тој појасни дека Управниот суд најпрво ги одбил тужбите со образложение дека не е надлежен, потоа Врховен, како највисок судски орган, ги укинал со укажување дека всушност Управниот суд е надлежен, но Управниот суд повторно ги одбил со образложение дека не може поединец да суди за колективно добро. Врховниот суд повторно го вратил предметот до Управен, но таму е донесена иста одлука од други причини, по што со третата одлука, Врховниот суд го прифатил ставот на Управен.
Саити вели дека со тужбите се засегнати повеќе државни органи за непостапување, затоа што во нив се наведува дека државата со непреземање на дејствија ги оштетила правата на граѓаните за здрава животна средина.
– Едниот граѓанин е од Скопје, другиот од Струмица. Тие велат дека имаме енормно загаден воздух и бараат од државата да донесе стратешки акционен план за заштита. Практично овде се нападнати сите државни органи за непостапување, почнувајќи од Владата, Министерството за екологија до инспекторатите во рамките на екологијата, и велат дека државата со непреземање на дејствија, со непреземање на мерки ги оштетила правата на граѓаните за здрава животна средина, појасни Саити.
Општа седница на Врховен суд на Република Северна Македонија
Претседателката на Врховен, Беса Адеми, истакна дека кон прашањата за заштита на здравата животна средина треба да се гледа од аспект на Европската конвенција за заштита на човековите права, според кој правата за заштита на животната средина се признаени граѓански права. Таа посочи на неодамнешна пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), донесена во април годинава, која се однесува на заштитата на климата како човеково право, каде неколку граѓанки на Швајцарија се јавиле како индивидуални подносители пред ЕСЧП со иста содржина на барање како двајцата македонски подносители пред Управниот суд.
Предметот на ЕСЧП може да биде водилка за идните расправи, рече судијката Мирјана Лазарова Трајковска, бидејќи, вели го покренува прашањето што во ситуации кога законите се недоречени и дали судовите треба да замолчат.
– Препораката на Европскиот суд за човекови права е дека токму во таквите ситуации судовите треба да покажат ширина во толкувањето на законските одредби, мешутоа и да пратат порака во однос на значењето на заштита на правото на животот. Овде се работи за постари госпоѓи, кои посочуваат дека претрпеле сериозни проблеми во однос на нивното здравје како резултат на глобалното затоплување, не е ни поврзано како во нашите ситуации за конкретна загаденост во конкретни општини во држвата. Мислам дека прашањата кои ги покренуваат иницијаторите кај нас се токму во таа насока, тие бараат да расправаме во однос на позитивната обврска на државата, во ситуации кога имаме проблематично непридржување на важечки законски одредби и непостапување на институции креирани со цел да ги имплементираат тие законски норми, рече Лазарова Трајковска.
По предлог на Адеми, беше изгласано да се повика професорот Борче Давитковски, како експерт во областа, да присуствува на наредните општи седници на Врховен. Таа истакна дека Врховниот суд ќе започне процес за деловнички измени за унапредување на начелото на јавност и отвореност на Општите седници за јавноста, особено за прашањата од јавен интерес и нагласи дека прашањето кое беше предмет на денешната расправа е од висок јавен интерес.
– Врховниот суд ќе започне процес за деловнички измени за унапредување на начелото на јавност и отвореност на Општите седници за јавноста, особено за прашањата од јавен интерес. Прашањето кое е предмет на денешната расправа и дискусија, исто така е прашање од висок јавен интерес. Врховниот суд е исправен пред предизвикот да расправа и одлучува за прашање кое е од суштинско и енормно значење за граѓаните и за заштитата на нивното право на здрава животна средина, истакна Адеми.
Ново на Сител
-
Поразителни резултати со говорот на децата во прилепските градинки
-
Три недели по инцидентот со птичјиот грип, отворени вратите на зоолошката во Скопје
-
Преглед на вестите од светот
-
Како да ги искористите ваучерите за инвертер клими?
-
Тема на денот со Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
-
Прв пат во Македонија дијагностицирана ретка генетска болест „Фабри“ - Двајца пациенти се на терапија
-
Преглед на вестите од светот
-
Реформската агенда за ЕУ пред пратениците