Македонија
9. September 2021 - 10:54

Рама: Братска прегратка за целата тетовска заедница и сите луѓе од Македонија

Албанскиот премиер Еди Рама изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите од пожарот во модуларната болница во Тетово, а на повредените им посака побрзо закрепнување. 

-Придружувајќи се кон сите вас во искреното и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од синоќешната трагедија во Ковид болницата во Тетово, како и во братската прегратка за целата тетовска заедница и сите луѓе од Македонија, ви посакува мирен ден вам и на вашите семејства, напиша Рама во објавата на Фејсбук. 

И министерката за надворешни работи, Олта Џачка, напиша дека е „длабоко тажна поради трагедијата во Ковидболницата во Тетово“. 

-Најискрено сочувство до семејствата и целата албанска заедница. Вашата болка е и наша болка, вашата трагедија е и нашата трагедија, напиша таа на Фејсбук. 

Сочувство до семејствата на жртвите од пожарот и побрзо закрепнување на повредените посака и лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша. 

-Премногу е тажна веста од Тетово. На овој трагичен ден се придружувам на болката на семејствата и роднините на жртвите и изразувам искрено и длабоко  сочувство. Бог да ви даде сила да се соочите со оваа трагедија. Брзо закрепнување на повредените, пишува Баша. 

Во врска со овој трагичен настан прв, пред полноќ реагираше шефот на државата, Илир Мета, наведувајќи дека со длабока загриженост и тага ја следи трагедијата што се случи во тетовската болница.

-Исклучително сериозен и вознемирувачки настан, особено за бројот на пријавени жртви. Изразувам искрено и најдлабоко сочувство за загубените животи и ја  споделувам големата болка со нивните семејства. Посакувам што побрзо заздравување на повредените. Изразувам целосна солидарност со државните органи на Македонија, кои вложуваат максимални напори да спасат што е можно повеќе животи и да ја стават ситуацијата под контрола. Моите мисли и молитви се со Тетово, напиша Мета нешто пред полноќ.