Бизнис
21. јуни 2016 - 15:09

Првпат во Македонија компанија ќе исплаќа дивиденда преку Централниот депозитар

Можноста дивидендата да ја исплати една компанија преку Централниот депозитар за хартии од вредност првпат во Македонија ја користи годинава ОКТА. Договорот за соработка меѓу Централниот депозитар и ОКТА го потпишаа денеска директорката на оваа институција Елена Јакимовска-Петровска и главниот извршен директор на ОКТА Јанис Героланос.

Героланос истакна дека ова е првпат во историјата ОКТА да исплати дивиденда и за тоа ќе ја искористат можноста на Централниот депозитар за хартии од вредност да посредува во пресметка и исплата на дивиденда.

- Резултатот од позитивниот раст на компанијата е дивидендата што ќе ја добијат нашите акционери. Се одлучивме да одиме преку Централниот депозитар за хартии од вредност затоа што поседува технички, персонален и институционален капацитет за извршување на овој вид трансакција за исплата на дивиденда на брз и ефикасен начин. Извршувањето на овој процес преку оваа институција има бенефити и за акционерите, но и за нас како акционерско друштво, изјави Героланос.

Депозитарот е единствена специјализирана институција во Република Македонија која врши упис на новоиздадените хартии од вредност и ги евидентира сите други промени кои се однесуваат на издадените хартии од вредност, притоа применувајќи бројни домашни и меѓународни стандарди. Депозитарот располага со податоци со ажурирана состојба на сопственоста на хартиите од вредност во секој момент, кое овозможува брзо и ефикасно трансферирање на дивидендата.

Директорката Јакимовска Петровска истакна дека од оваа услуга имаат бенефит и акцинерите и компанијата која ја исплата дивидендата.

- Бенефитот за компаниите од користењето на услугите на Депозитарот при исплатата на дивидендата и данокот кон Управата за јавни приходи на Република Македонија е капацитетот на Депозитарот во извршувањето на овие активности и сеопфатноста на услугата која ќе ја спроведеме, при тоа гарантирајќи високо ниво на доверливост и прецизност што на крајот ќе резултира со задоволни акционери на компанијата. Задоволство ни е што ОКТА АД-Скопје ги препозна овие квалитети на Депозитарот и што исплатата на дивидендата за нејзините акционери ќе ја спроведе токму преку Депозитарот”, рече  Јакимовска Петровска.

Таа додаде дека со ова се овозможува компанијата да се фокусира на својата примарна дејност и сите ресурси да ги троши на тоа, наместо на активности кои се случуваат еднаш во годината, како исплатата на дивидендата.

Во 2015 година компанијата ОКТА оствари подобрени резултати и профитабилност споредено со претходните години. За првпат од основањето на компанијата, на акционерите на ОКТА ќе биде доделена дивиденда.

Во ОКТА има околу 1400 акционери кои на адресите што се евидентирани во Депозитарот ќе бидат писмено поканети да достават податоци за нивните трансакциски сметки заради исплата на дивидендата.

Како што соопштија со цел мисијата да биде успешно реализирана, Депозитарот ќе ги стави на располагање своите човечки ресурси и сите акционери кои ги немаат ажурирано своите податоци во Депозитарот, можат да се обратат директно до Депозитарот.