Македонија
22. April 2018 - 14:55

Протест против изградба на регионална депонија во Дебрца, сообраќајот во прекин

Неколку илјади жители од речиси сите села од општина Дебрца денеска одржуваат протестен собир против изградбата на регионална депонија кај селото Годивје.

Тие точно на пладне го блокираа сообраќајот на магистралниот пат Охрид - Кичево кај селото Ботун.

Дебрчани упатија предупредување дека никогаш нема да дозволат изградба на депонија во нивната општина, нагласувајќи дека се работи за еколошки чиста и незагадена средина.

- Ова е протест на кој сакаме да ги пласираме вистинските аргументи зошто овде не може да се гради депонија. Се надеваме дека ова ќе ја стимулира Владата да развие јавна дебата и да ги преиспита своите одлуки. Доколку продолжат намерите депонијата да биде во Дебрца, ќе продолжиме со протести, но и други активности како правни постапки, дури и на меѓународно ниво, изјави Јадранка Бибан од Координативното тело на Граѓанската иницијатива за одбрана на Дебрца од изградба на регионална депонија.

На собирот беа посочени аргументи зошто нема да се дозволи изградба на депонија во Годивје.

- Дебрца гледано историски е создател на македонската држава, археолошки е златен рудник на историјата на генерации кои илјадници години живееле на овие простори, хидробиолошки е извор на чиста вода во директна комуникација со Охридското Езеро, културолошки е создател на многу нешта што почнале за првпат во нашата држава, изјави Бошко Ставрески, член на Координативното тело.

Градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески изјави дека ниту тој, ниту Советот на општината немаат право да ја дерогираат одлуката донесена на референдумот одржан во октомври.

- Целта на овој протест е уште еднаш граѓаните да кажат „не“ на решението што го подготвува Министерството за животна средина за локација за регионлна депонија во село Годивје. Уште еднаш да го повториме она што граѓаните го кажаа на референдумот одржан во октомври кога јасно се изјаснија против изградба на депонија во Дебрца. Ниту јас како градоначалник, ниту Советот на општината, немаме право да дерогираме одлука донесена на најдемократскиот начин на изјаснување како што е референдум, рече Ногачески.

протест депонија дебарца

Жителите најавуваат и порадикални активности како граѓанска непослушност и 24-часовно блокирање на сообраќајот на патот Охрид – Кичево.

Советот на општина Дебрца претходно со акламација ја отфрли одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија. Од Советот се огласија дека се решени да истраат до крај во намерата Дебрца да остане еколошки чиста и заштитена средина.

За потребите за одлагање и третман на цврстиот отпад на општините од Југозападниот плански регион беше изработена студија финансирана од ЕУ, во која беа посочени четири локации за тоа каде би било најдобро да се гради регионалниот центар за третирање на отпадот, со забелешка дека како најдобро решение би бил атарот на селото Годивје.

Екологистите и стручната јавност речиси се едногласни во ставовите дека би било погрешно депонија да се гради на локација што е еколошки незагадена, а уште повеќе на локалитет што спаѓа во сливното подрачје на Охридското Езеро. Жителите на Годивје, како најзасегнати, се противат депонија во нивното село, независно од убедувањата од надлежните дека се работи за модерна фабрика за преработка на отпад што би носела и економски бенифит за селото и општината.