Македонија
7. December 2016 - 14:46

Промовирана документарната збирка „Деца на војната“

Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија денеска беше промовирана документарната збирка „Деца на војната“ која содржи сведоштва на советските деца жртви за време на борбата против фашизмот во 1941-1945 година. 

За книгата денеска зборуваше рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак, кој истакна дека тоа се приказни од децата кои се најдоа во Ленинград кој беше под опсада, кои поминаа низ нацистичките конц-логори и гета, пред чии очи беа убиени нивните родители.

- Тоа се 45 мали трагедии кои што заедно се спојуваат во една голема трагедија на нашиот народ кој за време на големата татковинска војна изгуби 27 милиони луѓе. За сите нас тоа е знак за да се сеќаваме на овие трагедии, за  никогаш да не се повторат. Тоа е тестамент на момчиња и девојчиња кои покажаа дека со нацифашизмот е неопходно да се бориме, и воедно тоа е повик кон сите нас за да направиме се за подобра и посветла иднина. Тоа е книга за сочувството и секој што ќе ја прочита оваа збирка ќе биден обземен со сочувство и ќе стори се денес за децата, па и возрасните луѓе да не страдаат никогаш повеќе, рече амбасадорот Шчербак.

Книгата на англиски јазик ја издаде руската издавачка куќа „Аргументи и факти“ во 2016 година.

Главниот извршен директор на  Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија Горан Садикаријо истакна дека засега книгата ќе биде достапна за читателите само на англиски јазик во библиотеката на Центарот. Тој посочи дека ќе направат напор во соработка со Руската Амбасада и со министерствата за култура и за образование на Македонија книгата да се преведе и на македонски јазик.

- Она што за нас како Меморијален центар е многу битно е не само што се збогатува библиотечниот фонд на Меморијалниот центар со оваа книга, туку и на истражувачите и историчарите ќе им се дадат нови алатки дав ги прошират своите хоризонти за страдањата кои што ги трпеле децата. Во секоја војна, за жал, децата се најневини жртви. За време на Втората светска војна преку 1,5 милион деца се убиени, од кои што еден милион евреи. Во Македонија, 98 проценти од евреите беа убиени во ВСВ, од нив 50 проценти или 3,500 беа деца на возраст до 18 години. Затоа она што се случило во ВСВ, ние како институција ќе го промовираме за Холокаустот никогаш да не се заборави, и секогаш ќе се бориме против сите дискриминирачки политики и девијантни појави во општеството, рече Садикаријо.

Во рамки на промоцијата, организирана по повод 70 години од Нирнбершкиот процес, примероци од книгата беа донирани за библиотеката на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.