Промената на договорните кредитни услови ќе се врши брзо и едноставно, електронски, без одење во банките
Уредбата со која се утврдува како банките и штедилниците можат во текот на вонредната состојба, на граѓаните и фирмите да им понудат одложување на исплатата на ратите и други поволности со кои ќе им го олеснат сервисирањето на кредитите за време на корона кризата е донесена.
Уредбата е подготвена од Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација, со цел во текот на вонредната состојба, поедноставно и побрзо да се остварат можностите дадени со регулаторните измени донесени од Народната банка, насочени кон олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите кои заради корона кризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални потешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците.
– Со Уредбата се овозможува промената на договорните услови за кредитите да се изврши побрзо и поедноставно, без да се загрози јавното здравје – без да се посетуваат експозитурите и филијалите и без да се чека во ред на шалтерите заради потпишување на анексите на договорите, појаснуваат во соопштението Министерството за финансии и Народната банка.
Банките и штедилниците можат да понудат поповолни договорни услови и без претходно да имаат добиено барање од засегнатите клиенти, и тоа преку објава на своите веб-страници со понуда за промена на условите за плаќање на кредитите и/или и одделно известување на клиентите, преку електронска и/или писмена комуникација.
– Со Уредбата, како што е наведено во заедничкото соопштение, е утврдено дека ако физичкото лице, во рок од десет дена од објавувањето, односно добивањето на понудата, писмено или електронски не ја извести банката/штедилницата дека го одбива понуденото олеснување на финансискиот товар, ќе се смета дека понудата за промена на договорните услови е прифатена.
За да ги искористат понудените поповолни договорни услови, правните лица ќе треба писмено или електронски да ја известат банката или штедилницата дека ја прифаќаат понудата. Ако правното лице не го стори тоа во рок од десет дена, во согласност со Уредбата ќе се смета дека понудата не е прифатена.
Од Министерството за финансии и Народнта банка наведуваат дека секако останува и правото на кредитокорисниците да се обратат до банките и штедилниците, доколку оценат дека има потреба од тоа. Притоа, предвидено е тие да можат се обратат електронски или писмено, а одговорот ќе го добиваат преку електронска комуникација.
Во согласност со веќе донесените регулаторни измени, банките и штедилниците, на засегнатите граѓани и фирми ќе можат да им понудат повеќе поволности како одложување односно грејс-период за отплата на кредитите, пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период, пониска каматна стапка и сл.
Поволностите важа за сите кредитни производи: потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити итн., кредитни картички, дозволено пречекорување (одобрен минус) и кредити на фирмите.
Во соопштението стои дека во текот на изготвувањето на Уредбата, банките и штедилниците истакнаа дека се подготвени да одговорат на потребите и барањата на кредитокорисниците погодени од корона-кризата. Тие се мотивирани на засегнатите граѓани и фирми да им понудат поволни можности за промена на постојните договорни услови и во нивен интерес е да помогнат граѓаните и фирмите да го пребродат актуелниот шок и да имаат капацитет за и понатаму да ги плаќаат обврските.
– Во олеснувањето на финансискиот товар на граѓаните и фирмите што користат кредити,- а се погодени од корона-кризата, банките и штедилниците ќе се придржуваат до јасно утврдените критериуми во Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик донесена од Советот на Народната банка, стои во соопштението од Министерството за финансии и Народната банка.
Ново на Сител
-
Fast Food 7 - принцип за постојан квалитет | Билјана З. Попова | Бизнис приказни | Sitel Podcast 030
-
Пронајдена неексплодирана експлозивна направа во Битола
-
Разбојникот кој ограби казино со автоматско пушка е полицаец
-
Демири: Ако Клиниката за токсикологија не била осигурена, менаџментот треба да преземе одговорност
-
До 30 април на полноќ пријавување на болните и изнемоштените за гласање на изборите на 8 мај
-
Гевгеличанка лажела дека е царински застапник и измамила Грк за 2.000 евра
-
Тошковски: Поддршка до специјалните единици бидејќи тие се првиот столб на заштитата на безбедноста и суверенитетот на државата
-
Пет клучни донатори вложија повеќе од 50 милиони долари во претседателската кампања на Трамп