Македонија
21. August 2024 - 16:39

Продолжува кавгата меѓу ВРЕДИ и ЗНАМ

Продолжува кавгата меѓу владините коалициски партнери ВРЕДИ и ЗНАМ. Министерот Таравари му одговори на првиот човек на ЗНАМ, Максим Димитриевски кој рече дека ВРЕДИ се само партнер на нивниот партнер ВМРО-ДПМНЕ.

Таравари смета дека Димитриевски треба да го спушти нивото бидејќи ќе дојде време кога ќе бара албански гласови.

-Пред 3 години беше избран како градоначалник со огромен број албански гласови. Идната година се локалните избори, најверојатно повторно ќе му требаат. Нивото на коешто комуницира господинот Димитриевски воопшто не ми се допаѓа и воопшто не би сакал да дискутирам за тоа, рече Таравари.

Ова доаѓа откако вчера Димитриевски го критикуваше собранискиот спикер Африм Гаши по случајот со косовската свадба. Тој рече дека погрешно е ВРЕДИ да ги имитираат Интегративците бидејќи ДУИ се веќе видена работа.

За СДСМ, пак, обидот на ЗНАМ да се дистанцира од ВРЕДИ е трагикомичен. Портпаролката на партијата вели дека ЗНАМ се обидува да фингира расправија за да си ја намали штетата.

-Димитриевски ветуваше дека ќе биде контролор во власта на работата на албанските партии и фактор на стабилност, но се покажа дека тој не е никаков фактор и дека го интересираат само неколкуте функции кои ги доби од Мицкоски, вели Богданка Кузеска од СДСМ.

Ова не е прва кавга меѓу партнерите во владата.

Првиот судир беше за „Балансерот“ откако министерот за администрација, Горан Минчев, кој доаѓа од партијата на Димитриевски, ги врати на доработка плановите за вработување во јавниот сектор. Тој најави дека во „Балансерот“ ќе се пресметува само бројот на резидентно население од пописот во 2021. Тогаш ВРЕДИ ја обвини ЗНАМ за партија со политички идентитет на „анти-албанска доктрина“.