Македонија
11. September 2024 - 16:37

Дисциплинска за Наим Рамука и член на обезбедувањето на Гаши - МВР го расчисти инцидентот на Блаце

Наим Рамука заработи дисциплинска постапка за пропуштање на свадбената поворка на спикерот Гаши. Еден месец по инцидентот МВР утврди дека Началникот на граничниот премин Север го прекршил Законот за внатрешни работи бидејќи не превземал никакви мерки иако било констатирано дека покрај Гаши и членовите на неговото семејство ја минале границата без пасошки контроли. 

Наместо да бидат преземени соодветни мерки од страна на главен инспектор  во содејство со началникот на РЦ за ГР Север Н.Р, согласно дотогашните констатирани пропусти, не се преземени соодветни мерки туку е испратен акт со кој се задолжува командирот на ПС за ГП Долно Блаце да го доиспита целосно случајот и да преземе соодветни мерки, посочуваат од МВР

Дисциплинска постапка се води и за член на обезбедувањето на Гаши.

По преглед на видео надзорот било утврдено дека спикерот и членовите на неговото семејство навреме ги доставиле пасошите на увид до раководителот на смена, но неговото обезбедување ургирало кај граничните кабини делегацијата на Гаши да биде пуштена преку ред. Од МВР потврдуваат дека се работи за член на обезбедувањето за кој веќе се води дисциплинска постапка и за инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка.

Утврдено е дека Н.Б. наместо да врши непосредно физичко обезбедување на претседателот на Собранието, врши дејствија на граничниот премин кај кабините за излез и царинските кабини, со кои овозможува цивилни возила да се приклучат кон делегацијата, како и  да се даде приоритет цивилно возило да ја помине државната граница, се вели во соопштението на МВР

Покрај обезбедувањето на Гаши и Рамука, дисциплински постаки им се изречени и на главниот инспектор, раководителот на смена, еден службеник од полициската станица на граничниот премин, како и едно лице одговорно за изготвување и спроведување на планот според кој Гаши и делегацијата требале да ја поминат границата со Косово.

Инцидентот на Блаце веќе еден месец предизвикува реакции и од јавноста и од политичките партии. СДСМ кои првично го објавија инцидентот со барање за оставка на министерот Тошковски, вчера обвини дека наместо начаникот Рамука, МВР сака да ги казни само вработените.

Овој инцидент беше и една од причините за поднесената интерпелација за работењето на Гаши која не доби поддршка од мнозинството во Собранието.