Македонија
23. May 2024 - 16:34

Продолжува хаосот на хирургија - 6ти ден не работат операционите сали

Кој ќе одговара за хаосот на хируршките клиники? Веќе шести ден се затворени сите операциони сали а се уште има и непријатна миризба во оперативниот блок. Вработените незнаат кога ќе почнат со интервенции а најпогодени се пациентите кои со месеци чекале да  се најдат на листата.

Иако немало проблем со комрпимираниот воздух, засега никој не проверил од каде доаѓа смрдеата. Од Министерството за здравство денеска молчат и не кажуваат кој ќе гарантира за безбедноста на хируршкиот блок но и кој ќе понесе одговорност за овој сериозен проблем кој фрла голема дамка на и онака разнишаниот здравствен систем. . 

И додека некогашниот врв на македонското здравство е надвор од функција, сите итни пациенти ги препраќаат во установи во Скопје. Најмногу трпи ГОБ 8-ми септември каде веќе нема место за прием на пациенти.

-Во последната недела зголемена е фрекфенцијата особено во ургентниот центар каде скоро е дуплиран бројот на пациенти што доаѓаат на преглед. Исто така сите оддели особено хируршките се полни со по некој прекуброен кревет се со цел да бидат згрижени сите пациенти кои бараат помош, вели д-р Христијан Костов, директор на ГОБ 8-ми септември.

Надзор на хирургија правел и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, но велат немаат ингеренции освен да го информираат министерството за фактичката состојба како и непријатната миризба во хируршкиот блок.

Во април кога салите не работеа два дена, реакциите на хирурзи беа дека тоа се случува за прв пат во историјата на македонското здравство. Но само еден месец подоцна целиот оперативен блок повторно не функционира со денови. 

Пациенти си одат дома без извршена интервенција и со стресови и нервози кога ќе биде решен нивниот здравствен проблем.