Македонија
29. јуни 2024 - 17:01

Проблемите на малите општини

Мали буџети, немање пари за основно функционирање, недостиг на потребниот човечки кадар и соодветни одделенија, партиски вработена администрација, која голем дел ниту нешто работи, ниту знае точно што треба да работи. За жал ваква е сликата кај најголемиот дел од малите општини во Македонија. Од нив голем дел се комплетно нефукционални и со блокирани сметки. Главен проблем е недостигот на кадар кој може да ги поправи работите.

„Оскудни сме во поглед на персонал, не е пренатрупана администрацијата. Располагаме со околу 39 вработени, со 11 пожарникари во нив. Ние немаме се уште градежник, сообраќаец, сообраќаен техничар, немаме комунален редар…“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево. 

Но друг проблем биле тоа што за сегашните мали плати инжинерите, архитектите или програмерите не се сакале да работат во администрација. Како идеја се предлага и заеднички јавни претпријатија на повеќе општини. 

„Потребно е регионално групирање за да може тој еден архитект или градежен инжинер да ги дава своите услуги на самите соседни општини“, истакна Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод. 

„Овие плати, овие приходи кои ги добиваат во локалната самоуправа се релативно ниски за овие кадри и не се нафаќаат младите, пред се образовани инжинери од областа на архитектурата и градежништвото да се вработат во државната администрација“, додаде Стевче Стеваноски, градоначалник на Општина Новаци.

И екс градоначалник на Прилеп Марјан Ристески смета дека е потребно регионално менаџирање во моменти кога поради иселувањето нема стручен кадар.

„Сите овие општини на некој начин кубурат со кадар и она што се работи или не се работи доволно квалитетно, или се работи делимично во однос на законските обврски што ги имаат самите општини и градоначалниците кои работат во тие општини“, потенцираше Марјан Ристески, поранешен градоначалник на Прилеп.

И невладиниот сектор кој се занимава со оваа проблематика вината за целата оваа состојба ја гледа кај недоволно обучената и едуцирана адмнинстрација.

„Ја спомнавме и партизацијата, да знаеме дека во Македонија така функционира, да не се лажеме сите се партиски примени, но веќе кога си го примил партиски, зошто не го едуцираш да си ја работи работата која ја има по систематизација. Пари има, тие треба да направат проекти за да ги земат, зошто не ги земаат? Не ги искористија тие пари“, Александар Цветкоски, НВО „АГТИС“.

Градоначалниците бараат и правичен регионален развој кој сега го немало.

„Доколку ние како Општина аплицираме за соодветен проект и секогаш како прв репер се зема бројот на жители, значи дека ние бидејќи имаме мал број на жители автоматски не можеме да го реализираме нашиот проект или да го добиеме соодветниот грант. Водоводен систем и за 10 и за 1.000 жители треба, пат исто така“, вели Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод. 

Според дел од градоначалниците на овие мали општини потребно е зголемување на степенот на децентрализацијата.

„Имаме некои институции од централно ниво кои треба да се делегираат, да речиме Музејот на НОБ, Македониумот, Спомен куќата на Тоше Проевски, тие се се уште национални установи кои функционираат под централно ниво. Примарната здравствена заштита на граѓаните да биде под локално ниво, за ТППЕ даваат обврски на Општината, но не даваат доволно финансии за да опстанат“, вели Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

На ист став е и претседателот на ЗЕЛС, кој очекува промена на оваа состојба за брзо време.

„Обврските се префрлени, а средствата не се префрлени за тие обрски да се реализираат, така да првиот момент со кој ќе се занимавам со новиот премиер Христијан Мицкоски, за многу скоро деновиве треба да оствариме средба на која би го потпишале меморандумот за соработка“, потенцираше Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.

Без промена на целата оваа состојба малите општини ќе останат да тапкаат во место, а бенефитот за граѓаните од нивното постоење ќе биде безмалку никаков.