Македонија
6. December 2019 - 14:34

Приведена криминална група за транспорт на дрога, запленет еден килограм и 58 грама кокаин

Полициите на Македонија и на Србија во заедничка акција спречија меѓународен канал за транспорт на дрога од земјите на Западна Европа во Македонија во која се запленети еден килограм и 58 грама кокаин, соопшти МВР.

Во октомври и ноември 2019 година, од страна на Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведена е истрага над организирана криминална група која се занимавала со организирање на транспорт на наркотична дрога „кокаин“, од земјите на Западна Европа во Република Македонија. Групата се занимавала и со улична продажба на „кокаин“ на подрачјето на Скопје, Тетово и Гостивар.

Во координација со Одделот за специјални полициски операции, денеска е приведен Х.С (26) од с.Речане-Гостивар, кај кого во патничко моторно возило „сеат леон“ кое го управувал, а го паркирал на територија на Република Србија, во багажниот простор пронајдени се 1.058 грама кокаин. Х.С. кокаинот го транспортирал од Белгија до Македонија. Исто така, лишени се од слобода и главните организатори на транспортот на дрогата Р.Љ (36) од с.Арачиново-Скопје и М.И (35) од с.Речане-Гостивар. Овие лица и претходно биле кривично пријавувани за дела од областа на недозволената трговија со дрога за што издржувале и казни затвор.

По целосно комплетирање на доказите против лицата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти МВР.