Балкан
19. March 2025 - 9:26

Приведен градоначалникот на Истанбул во антикорупциска акција

Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, утринава е приведен, јави телевизијата Си-Ен-Ен Турк.

Претходно денеска, медиумите објавија дека е издадена наредба за негово приведување. Имамоглу, кој е од редовите на опозициската Народнорепубликанска партија (НРП), е мета на полициска истрага поврзана со сомневања за корупција и поврзаност со терористички организации.

Полициски екипи го претресуваат неговиот дом, а пред резиденцијата има засилено полициско присуство, покажуваат снимките на Си-Ен-Ен Турк.

Утринава беше уапсен и неговиот портпарол Мурат Онгун, јавува опозицискиот весник „Џумхуриет“. Се тврди дека е изготвен список со над 100 бизнисмени и новинари за кои е издадена наредба за апсење.

Неколку метро станици во Истанбул се затворени, а одобрените одмори на полицајци се укинати.

На локалните избори на 31 март минатата година, НРП оствари значајна победа, освојувајќи мнозинство во неколку големи градови, вклучувајќи ги Истанбул и Анкара, со што владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) го загуби доминантното влијание на локално ниво.