Македонија
4. September 2020 - 14:51

Прилепчанец осомничен дека одгледувал канабис во дворот на својата викендичка

Триесетдневен притвор за 52-годишен прилепчанец осомничен дека  неовластено одгледувал канабис во дворот на  својата викендичка.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице на возраст од 52 години, за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Постои основано сомнение дека осомничениот неовластено произведувал наркотична дрога – марихуана, велат од ЈО Прилеп.

На неговата парцела во местото наречено Кишовица, во близина на Прилеп, тој засадил растенија од видот канабис, за кои секојдневно се грижел и ги одгледувал, наведнувајќи ги стеблата.

Откако пораснале, осомничениот ги собирал, ги сушел и ги ситнел деловите од растението. При извршениот претрес на 2 септември, во викенд куќата на истата парцела, полициските службеници пронашле три искорнати стебла и четири гранки од растението канабис кои се сушеле, како и 21,99 грама наркотична дрога марихуана во различни пакувања.

Од ЈО Прилеп информираат дека во дворното место на викенд куќата од левата страна биле пронајдени три саксии со стебла од канабис, покрај оградниот ѕид уште три средно развиени стебла, покрај ѕидот од вињарникот 14 добро развиени стебла од растението, зад оградата од задниот ѕид на викендичката 26 добро развиени стебла, а од десната надворешна страна на викенд куќата покрај оградата биле пронајдени уште 10 добро развиени стебла.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Прилеп поднесе предлог за определување мерка притвор поради опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците и да се обиде да ги прикрие доказите, како и можност тој да го повтори кривичното дело. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.