Прилеп со 70.000 посни сарми се подготвува за прославата на патронот „Свети Никола“
Со традиционалното виткање на речиси 70.000 мали посни сарми, Прилеп ги почна подготовките за годинашната прослава на патрониот празник на градот – „Свети Никола“. За ова се ангажирани 40-ина жени, членки на прилепските здруженија кои денеска ги приготвуваат малите посни сарми, карактеристични како специјалитет од прилепското поднебје.
Набавени се сите продукти за посната трпеза која ќе биде во центарот на Прилеп, на булеварот „Гоце Делчев“, истакнаа годинашните домаќини на градската прослава на „Свети Никола“, семејството Јованоски, градоначалникот Илија и неговата сопруга Виолета Јованоска.
Според Виолета Јованоска, ова е прекрасна традиција и сите заложби се за добра мисла, здравје, бериќет и продолжување на традициите кои се пренесуваат од колено на колено.
– Посебно е задоволството да се биде домаќин на ваква традиционална преослава, особено што „Свети Никола“ е и наша куќна слава, а ја прославуваат половината прилепчани, а другата половина оди на гости кај блиските и пријателите. Искрено се надевам дека и нашите деца ќе ја продолжат семејната, но и градска, традиција. Затоа, почитувајќи ја традицијата на Прилеп, во центарот на градот ќе биде организирана свечена посна светиниколска трпеза. Планирано е да се приготват од 65 до 70.000 мали посни сармички и да се послужат на градската трпеза. За нив се обезбедени: 1.200 килограми зелка, 100-ина килограми ориз, а за трпезата се набавени и 200 килограми грав, 350 килограми риба. Планирани се и околу 2.000 литри пијалаци за да се збогати трпезата, изјави Јованоска која во името на почитта, заедништвото и добрата мисла ги покани сите на заедничката градска посна светиниколска трпеза.
Домаќинот на прославата, а водено и градоначалник, Илија Јованоски, порача дека Прилеп е со вековни традици кои се почитуваат и се одржуваат.
– Во духот на Свети Никола, како заштитник на морепловците, на луѓето, сиромашните, на децата, прославата на градот е во духот на хуманоста и на еднаквоста на сите граѓани, нагласи Јованоски.
За прилепчанките, членки на здруженијата кои традиционално ги приготвуваат малите посни сарми, ова е одраз на традицијата, заедништвото и посебната умешност на домаќинките да угостат и да посакаат добредојде на секој добронамерен гостин.
– Тајната на посебната подготовка на прилепските мали посни сарми е во квалитетните продукти – зелката и оризот и умешноста да се приготват што помали, како одлика на традиција која се пренесува од генерација на генерација, вели Менче Пејоска од здружението „Преродба“.
Според кулинарските тајни, сармата како специјалитет може да се користи и цела недела, со добра трпеза. -Ова е посебна традиција во Прилеп и домаќинките се горди на тоа, зашто „Свети Никола“ е најпознатра слава во Прилеп, објаснува прилепчанката Марија Михајлоска.
Ова е посебна традиција во Прилеп, а славите се време да се собере семјеството вели Љубица Петреска од здружението „Мајка Традиција“. -Еве, на многу семејства ќе им дојдат децата кои се во странство, посебно за куќната и за градската слава, додава таа.
Организираната прослава на патронот на Прилеп „Свети Никола“ годинава се одржува по 13. пат. Во 2008 година Прилеп влезе во Гинисовата книга на рекорди со приготвени преку 81.000 мали посни сарми.
Градската прослава и заедничката посна трпеза за патронот на Прилеп ќе се одржи в среда на 19 декември напладне.
Ново на Сител
-
Сакал да пренесе сопатник без документи преку граница - Уапсен маж на ГП Богородица
-
64 годишен скопјанец кој исчезна пред 10 дена пронајден мртов
-
Девизните резерви во октомври зголемени за 568,9 милиони евра
-
Кривична пријава против 66-годишник за демнење на началник во ОВР Неготино
-
Илиоски со златен медал на Европското кикбокс првенство во Атина
-
Кремљ: Путин е подготвен да разговара за Украина со Трамп, но не ги менува своите барања
-
Народна банка: Се очекува забавување на инфлацијата и во следните години
-
Гробница првпат отворена по 2500 години, презентирани вредните наоди откриени во охридско-струшкиот регион