Македонија
5. February 2016 - 8:13

Претседателот Вељаноски на 64-от Молитвен појадок во Вашингтон

Претседателот на македонското Собранието Трајко Вељаноски присуствуваше на 64.Национален молитвен појадок во Вашингтон кој претседателот на Соединетите Американски Држави и членовите на Конгресот го организираат секоја година.

Функционери, дипломати и претставници на повеќе од 140 земји од светот разменија мислења, искуства и ставови за глобалните случувања и предизвици и заедно да се заблагодарат за пријателството и благосостојбата. На настанот се обрати претседателот на САД Барак Обама, а Вељаноски се сретна и разговараше со дел од присутните, соопшти Кабинетот на Претседателот на Собранието на РМ.

Вељаноски присуствуваше и на лидерскиот ручек организиран за земјите од Југоисточна Европа на кој учествуваа неколку конгресмени и сенатори меѓу кои и еден од домаќините на овогодинешниот Молитвен појадок, конгресменот Роберт Адерхолт.

- Молитвениот појадок како традиција е една непресушна инспирација.
Фактот дека секоја година, од сите страни на светот личности со сосема различни светогледи, вери, нации, уверувања и ставови, сосема нормално дискутираат и се разбираат, доволно говори за големината на ова дело. Живеејќи во свет во кој малку повеќе се говори за омразата отколку за љубовта, ретките настани каде таа - љубовта доминира, вреди постојано да се истакнуваат, поддржуваат и развиваат, рече во обраќањето Вељановски. 

Независно од фактот каде живееме или кој народ и држава ги претставуваме, дополни, сведоци сме дека постојат теми кои ги надминуваат географските меридијани. - Прашањата поврзани со границите на колективниот морал, темите кои се однесуваат на сe поголемата изложеност на децата до содржини штетни за нивниот морал и здравје се теми кои треба сите подеднакво да нe окупираат и инспирираат да направиме нешто повеќе. Силно верувам во концептот на меѓусебно вмрежување и соработка. Убеден сум дека развивајќи ја меѓусебната доверба, даваме влог кон зацрвстувањето на темелите на ова ново морално мнозинство кое и' е неопходно на Eвропа, истакна Вељановски.