Loading Video...
Свет
9. October 2024 - 12:11

Преглед на вестите од светот

Бејрут повторно се раздени со чад откако во текот на ноќта Израел ги бомбардираше јужните предградија на градот, каде што е седиштето на Хезболах. Притоа според израелски извори бил убиен Сухаил Хусеин Хусеини одговорен за буџетот и логистиката. Изреал изврши и воздушен напад врз станбена зграда во предградието Меза, западно од сирискиот главен град Дамаск, при што загинаа седум цивили, а беа повредени 11 други, објавија сириските државни медиуми во вторникот, меѓу жртвите имало жени и деца, притоа е предизвикана материјална штета.

САД    Повикот на Хезболах за прекин на огнот во вторникот покажува дека милитантната група е во дефанзива, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер за време на редовниот брифинг во вторникот.

Американската потпретседателка и демократски кандидат за претседател Камала Харис изјави дека е постигнат „извесен напредок“ во врска со договорот за прекин на огнот во Газа, но оти напредокот е „бесмислен“ доколку договорот навистина не биде постигнат.

Израелската противвоздушна одбрана пресретна ракети над заливот Хаифа додека во рок од еден час беа лансирани 105 проектили врз пристанишниот град. Локалните медиуми соопштија дека тоа е најголемиот напад досега.

Прес-конференцијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан синоќа беше накратко прекината од политичар од опозициската Демократска коалиција, кој втрча во просторијата викајќи и обвинувајќи го Орбан дека ја „предал“ својата земја, продавајќи ја на Русија и Кина. Тој беше изведен од обезбедувањето.

Украина не може да победи во војната со Русија на бојното поле, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан додавајќи дека е потребен дијалог и прекин на огнот за да се спасат животи.

Тој рече дека републиканскиот претседателски кандидат на САД, Доналд Трамп, доколку биде избран, нема да чека до неговата инаугурација, туку ќе почне да работи за мир во Украина веднаш по изборите на 5 ноември, додавајќи дека европските лидери ќе мора да реагираат на тоа. Инцидентот се случи пред закажаното обраќање на премиерот Орбан во парламентот закажано за денеска.

Американските власти во текот на вчерашниот ден ги засилија повиците до жителите на Флорида да се евакуираат пред пристигнувањето на ураганот Милтон, „исклучително опасен“ што се очекува да ја погоди американска територија од среда до четврток. Регионот кој ќе биде зафатен од ураганот е составен од шест окрузи околу заливот Тампа, каде живеат речиси 4 милиони луѓе. Не сите жители се соочуваат со задолжителна евакуација.

Ураганот веќе остави последици во Мексико каде ја има јачината од категорија 4. Мексиканската метеоролошка служба извести дека интензивните врнежи и ветровите со брзина до 200 километри на час кои постепено ќе слабеат. Локалната власт одржува портокалова и жолта на аларм.