Loading Video...
Свет
12. September 2024 - 12:23

Преглед на вестите од светот

САД и Велика Британија ќе и дадат на Украина дополнителна помош во вредност од речиси 1,5 милијарди долари, изјавија шефовите на дипломатиите на двете земји за време на посетата на Киев.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен најави повеќе од 700 милиони долари хуманитарна помош, додека британскиот секретар за надворешна политика Дејвид Лами потврди дека Велика Британија ќе додели дополнителни 782 милиони долари за помош и кредитни гаранции.

Голем дел од оваа помош е наменет за обновување на украинската електроенергетска мрежа, која Русија упорно ја напаѓа со проектили и дронови пред зимата, која во тие краишта е многу студена.

Блинкен и Лами заедно се во Киев, потврдувајќи ја јасната поддршка на нивните земји за Украина. Нивното пристигнување беше нарушено од сирени за воздушен напад, поради што церемонијата за полагање венци во чест на загинатите мораше да биде откажана. Украинските власти деновиве повторно побараа од западните сојузници да им дозволат да гаѓаат цели подлабоко на руска територија со проектили набавени од нив

Блинкен вети дека ќе го пренесе прашањето за ракетите во Вашингтон за да го информира претседателот Џо Бајден. Западот стравува од ескалација на војната. САД дозволија користење на своите проектили за прекугранични напади само за одбрана на Украина, до одредена граница внатре во Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се надева дека овие ограничувања ќе се променат и дека ќе се сретне со Бајден овој месец.

Претседателската дебата меѓу демократската потпретседателка Камала Харис и републиканскиот кандидат Доналд Трамп привлече 57,5 ​​милиони телевизиски гледачи на седум телевизиски мрежи, покажуваат прелиминарните податоци на агенцијата „Нилсен“ објавени доцна синоќа.

Дебатата беше прва тет-а- тет средба на кандидатите за претседателските избори на 5 ноември и привлече повеќе гледачи од онаа во јуни меѓу Трамп и тогашниот претседателски демократски кандидат, актуелниот претседател Џо Бајден, која ја следеа околу 51 милион луѓе.

По лошиот настап во оваа дебата, Бајден се повлече од изборната трка. Бројките за гледаност на „Нилсен“ не ги вклучуваат луѓето кои ја следеле дебатата онлајн и низ баровите и рестораните.

Конечните податоци што ќе ги вклучи и овие бројки ќе бидат објавени подоцна.

Рекордна гледаност досега е забележена во претседателската дебата во 2016 година, кога 84 милиони луѓе го следеа дуелот меѓу демократската кандидатка Хилари Клинтон и Доналд Трамп.

По уривањето на мостот Карола во Дрезден, Германија, експертите се обидуваат да ја утврдат причината за инцидентот. Поради пукање на цевките, градот е отсечен од топла вода и греење и сега многу поважно е освен обезбедувањето на мостот, жителите на Дрезден повторно да бидат снабдени со топла вода што е можно поскоро“, изјавија од противпожарната служба. Полицијата нагласува дека колапсот не е резултат на терористички напад или криминален чин.