Loading Video...
Свет
18. јуни 2024 - 12:24

Преглед на вестите од светот

Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ на синоќешната неформална средба во Брисел не успеаја да постигнат договор околу изборот на највисоките функционери во Унијата, информира претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

– Средбата претставуваше добра можност да се разменат мислења околу изборните резултати и за подготовка на формалната средба на Европскиот совет што ќе се одржи следната недела.

Мишел истакна дека политичките партии на средбата ги изнеле своите предлози за кандидатите за водечките позиции во ЕУ и врз основа на нив ќе се работи на постигнување договор, воедно изрази надеж дека лидерите на сите 27 земји членки на ЕУ сепак до крајот на јуни ќе постигнат договор околу имињата на носителите на водечките позиции во блокот.

Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, за Би-Би-Си изјави дека Кина треба да се соочи со последици за поддршката на руската војна во Украина доколку не го промени своето однесување. Тој рече дека Пекинг „се обидува да седи на две столчиња“ поддржувајќи ги воените напори на Русија, додека ги одржува односите со европските сојузници.

-Ова нема да функционира на долг рок, изјави Столтенберг во интервјуто за време на посетата на Вашингтон.

Складишта за нафта горат по напад со дронови рано утринава во градот Азов, што се наоѓа во руската Ростовска област, соопштија руските власти.

Според првичните податоци, нема жртви, напиша гувернерот на Ростовската област, што граничи со Украина, Василиј Голубев на Телеграм. Засега западни медиуми не можат да ја потврдат информацијата и дека од Украина нема информации. Градот Азов се наоѓа на реката Дон, на околу 16 километри од Азовското Море.

Рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе изгради трговски и безбедносни системи со Северна Кореја кои не се контролирани од Западот и вети непоколеблива поддршка во писмото објавено од севернокорејските државни медиуми денеска пред неговата планирана посета на земјата.

Тој ѝ се заблагодари на Северна Кореја за поддршката на, како што ја нарекува Русија нејзината „специјална воена операција во Украина“, и вети поддршка за напорите на Пјонгјанг да ги брани своите интереси и покрај, како што рече, „американскиот притисок, уцена и воени закани“.

Путин ќе ја посети Северна Кореја за прв пат по 24 години на два дена. Путин вети дека ќе ги доведе врските со Северна Кореја на повисоко ниво.

Најмалку три лица се повредени, а осум се уапсени доцна синоќа во Ерусалим во жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата пред приватната резиденција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, објавија израелските медиуми, а најмалку 17 лица загинаа во текот на ноќта во бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа, од израелското бомбардирање, јавува Ал Џезира, повикувајќи се на локални медиуми.

Најмалку 274 раселени Палестинци беа убиени во бегалскиот камп Нусејрат претходно овој месец, откако израелската армија спроведе операција за спасување на четворица израелски заложници кои беа држени таму.