Loading Video...
Свет
12. April 2024 - 12:17

Преглед на вестите од светот

Рускиот претседател Владимир Путин ја критикуваше меѓународната мировна конференција на високо ниво за Украина, планирана за јуни во Швајцарија, пренесе ДПА.

Русија нема да биде поканета на конференцијата, но во исто време ќе биде јасно дека ништо не може да се реши без Москва, изјави Путин на вчерашната средба со белорускиот лидер Александар Лукашенко.

Руската амбасада во Берн соопшти дека Русија не е поканета, но нема да учествува на состанокот дури и ако биде поканета. Според Путин, Украина „самата се ставила ќош“ со прекинување на преговорите пред две години, набргу по почетокот на војната.

Меѓу темите на агендата на конференцијата е мировната формула што ја предложи украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој повика на повлекување на руските трупи од сите окупирани области на Украина.

Израел соопшти дека се подготвува за можна иранска одмазда за убиството на висок генерал и шест други ирански офицери во воздушен напад во Дамаск на 1 април.  Главниот воен портпарол на Израел, контраадмирал Даниел Хагари, рече дека Израел е „многу подготвен за низа сценарија“.

САД очекуваат Иран да го нападне Израел, но не и да бидат вовлечени во нова војна. Пред неколку дена ирански официјален претставник предупреди дека амбасадите во Израел повеќе не се безбедни, сугерирајќи дека зградата на нивниот конзулат може да биде можна цел

Белата куќа соопшти дека Вашингтон не сака ескалација на конфликтот на Блискиот исток и дека САД му кажале на Иран дека не биле вклучени во воздушниот напад врз иранскиот воен командант во Дамаск.

Во меѓувреме стотици демонстранти се собраа во Тел Авив во четвртокот вечерта (11 април) за да продолжат да вршат притисок врз израелската влада да постигне договор со Хамас за заложниците.

Водачот на Хамас, Исмаил Ханије, изјави дека неговата палестинска милитантна група сè уште бара договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците, откако при израелски напад беа убиени тројца негови синови во Газа.

Нивото на водата во реката Урал во близина на Оренбург се искачи на повеќе од 10 метри, јави новинската агенција Риа. Рускиот град Оренбург се подготвува за големи поплави поради надојдените реки во регионите кои граничат со соседен Казахстан. Сезонските поплави, поголеми од вообичаено, предизвикани од топењето на снегот од планината Урал, доведоа до евакуација на голем број луѓе од целиот регион Оренбург.

Реката Урал, пред неколку дена, ја проби браната во блискиот град Орск. Околу 12.000 домови се под вода, соопшти Министерството за вонредни состојби, од кое предвидуваат натамошно „покачување на температурата, активно топење на снегот и надојдување на реките“.