Македонија
4. November 2016 - 12:14

Предлозите на жителите на Пехчево дел од буџетот на општината за 2017

Предлозите на граѓаните дадени на Втората форумска сесија за креирање на буџетот на Општина Пехчево во врска со зголемување на приходите на општината ќе бидат прифатени и ставени во буџетот на Општината за 2017 година. Ова денеска го изјави градоначалникот на Пехчево, Игор Поповски, кој објасни дека дел од предлозите на граѓаните се прифатливи и се во насока на размислувањата на општината.
 
- Предлозите за дополнителни извори за зголемување на приходите на општината дадени на Втората форумска сесија во општина Пехчево, како што е воведувањето туристичка такса, издавање објекти за закуп на туристи, се во насока на нашите планови. Општина Пехчево работи на полето да биде посакувана туристичка дестинација. Инвестираме во потребната инфраструктура, како што е и електрификацијата на локалитетот Равна Река, каде имаме донесено и ДУП и имаме планирано над 350 плацеви чија продажба оди во конитуитет. Тука се и другите содржини, како што е адреналинската патека, Езерцето како специфичен барски екосистем, фестивалот на дувачки оркестри и сл, кој секоја година носи сѐ поголем број гости, но и отворањето на првиот хотел и спа центар во Пехчево, реконструкција и осовремување на приватните туристички капацитети и викенд куќи, рече Поповски и додаде дека туристичата такса, не само што ќе значи приход за општината, туку со тоа ќе има и еден вид евиденција за бројот на посетителите на овој дел од Малешевијата и ќе се знае точно во која насока се движиме.
 
Живко Каликов, соработник за односи со јавноста при Општина Пехчево истакна поголем дел од предложените проекти од листата со приоритетите за развој на Пехчево во 2017 година изготвена од граѓаните на Втората форумска сесија, ќе можат да бидат реализирани.
 
- Процесот на креирање на листата на приоритети на граѓаните е во тек, но од досегашните предлози јас сум задоволен како се одвива крирањето на листата. Според утврдениот распоред на форумскиот процес, на оваа сесија учесниците беа информирани за планираните и реализирани приходи до 30.09.2016 година, како и за планираните приходи на општината за 2017 година, рече Каликов.
 
Третата форумска сесија за креирање на буџетот на Општина Пехчево е најавена за 14 ноември. Граѓаните на Пехчево за прв пат учествуваат во креирање на општинскиот буџет.