Македонија
29. August 2024 - 16:35

Предизборие или реални пораки?

Обидите за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително дистанцирање од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Бугарското МНР остро реагираше на изјавите од македонскиот премиер дека ќе се чека стабилна бугарска влада со која ќе може да се разговара и да се најде заедничко решение во кое конечно ќе се тргне децениската блокада на државата.

Официјална Софија тврди, службената влада на Бугарија е легитимна и останува отворена за дијалог со Македонија. Таквите изјави на Мицкоски, според бугарското МНР, уште еднаш отворено ја доведува во прашање европската перспектива на Македонија.

-На властите во Скопје треба да им биде јасно дека обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително дистанцирање од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Овој наш став нема да се смени без разлика дали е техничка или редовна влада. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори, се вели во реакцијата од бугарското МНР.

Бугарската позиција, велат оттаму е поддржана од сите политички сили и таа е јасно наведена во Одлуката на Народното собрание уште од 2022.

-Тоа е израз на волјата на бугарските граѓани да ја поддржат Северна Македонија во процесот на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, под услов соседната земја да се придржува до највисоките стандарди во областа на човековите права и да ги исполни меѓународните обврски преземени во добро вера. Оваа позиција на национално ниво нема да се менува, се вели во реакцијата на бугарското МНР.

Бугарија во октомври повторно ќе оди на избори на 27 октомври, седми во последните три години поради политичката криза во која се наоѓа државата. Вицепремиерот и министер за транспорт вели, Македонија се злоупотребува секогаш кога бугарските граѓани треба да го дадат својот глас.

-Секогаш кога во Бугарија ќе дојдат избори се злоупотребува темата Македонија. Сега не ни знам кога им се изборите зашто до толку се нефункционални што не можат ниту избори да закажат. Ова им е седма или осма техничка влада. Веќе ниту луѓе не можат да најдат за техничката влада. Така што, нека си ги средат прво дома работите, нека изберат политичка влада и ќе седнеме да зборуваме со политичката влада. Неам намера да одговарам на луѓе кои ловат политички поени, а се политички маргиналци во моментот во Бугарија зашто се претставници на влада која нема никаков легитимитет од никого, вели Николоски.

Ставот на Владата е дека сакаат одблокирање на евроинтеграцискиот процес, но од Бугарија бараат партнер со кој може да се комуницира. Премиерот веќе кажа дека во интерес на Софија е преговорите да почнат за Балканот како целина да биде дел од ЕУ.