Пратениците ја завршија расправата за измените на Законот за локална самоуправа
Пратениците денеска ја завршија расправата за предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, по скратена постапка, за кој е потребно двотретинско мнозинство, додека гласањето ќе биде дополнително.
Пратениците од опозицијата реагираат дека со ваквиот предлог се ускратува уставното загарантирано право на граѓаните да можат да изберат градоначалник за својата општината, бидејќи нивните досегашни градоначалници преминале на друга функција.
Амар Мециновиќ од Левица кажа дека нема да гласаат бидејќи овој закон не само што не треба да се донесе по скратена постапка, туку воопшто не треба да се донесе. Тој го критикуваше мнозинството во Собранието дека носи закони по скратена постапка, по желба на Владата.
Реплицираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски кој кажа дека не смее да се повикува на грешки во процедура. Во дебатата се вклучи и Димитар Ковачевски од СДСМ кој кажа дека в.д градоначалниците ќе раководат со општините над 37 проценти со мандатот иако не се бирани директно од граѓаните и дека се ускратува уставното загарантирано право на граѓаните да бираат свои градоначалници.
Нему му реплицираа пратениците од власта Марија Митева и Драгана Бојковска кои кажаа дека нема економска оправданост сега да се распишуваат избори, укажувајќи на незавидната економска состојба на државата за која кажаа дека виновна е претходната власт.
Пратениците од ЗНАМ, Даниел Стојчевски и Миле Цеков сметаат дека општините трпат, а со тоа и граѓаните во однос на проектите, доколку се бираат градоначалници и сега и на редовните локални избори и посочија дека ќе ги поддржат измените.
Пратениците жестоко дебатираа за предлог на законот за престанување на важењето на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, по скратена постапка.
Пратениците од опозицијата се со став дека укинувањето и спојувањето на двете комисии нема економска оправданост.
Оливер Спасовски од СДСМ кажа дека на овој начин нема правна сигурност, има непочитување на темелните вредности на установата, повикувајќи на темелна анализа. Нему му реплицираше Бојан Стојановски кој рече дека се намалува бројот на членовите на комисијата и дека експертската јавност и граѓаните го поддржуваат укинувањето.
За Сања Лукаревска илузорно е за вакви крупни измени да се оди по скратена постапка, нагласувајќи дека е потребна суштинска дебата. Таа кажа дека за независни самостојни државни органи законските измени се директно мешање во правниот систем, во регулативата. Реплицираа Марија Петрушевска и Благица Ласовска кои посочија дека ќе им се даде можност на вистински професионалци да работат, а не како досегашните партиски послушници.
Пратениците ги разгледаа предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за бесплатна правна помош, по скратена постапка предлог на закон за изменување на Законот за користење на податоците од јавниот сектор.
Ново на Сител
-
Како да ги искористите ваучерите за инвертер клими?
-
Тема на денот со Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
-
Прв пат во Македонија дијагностицирана ретка генетска болест „Фабри“ - Двајца пациенти се на терапија
-
Преглед на вестите од светот
-
Реформската агенда за ЕУ пред пратениците
-
Силјановска: Реален и рационален е оптимизмот за одблокирање на европската интеграција
-
Антикорупциска: Незаконско е назначувањето членови за УО на Академијата за судии и обвинители
-
ДКСК: Екс-министерката за култура на службено патување трошела буџетски пари за приватни цели