Македонија
11. January 2025 - 16:24

Пратениците ѝ изгласаа недоверба на Илире Даути, но таа останува на функцијата

Стоилковиќ, Меџити, Тошковски и Исени остануваат на функциите. Пратениците кои дебатираа до доцна синоќа не ги поддржаа интерпелациите за владините функционери. ЗА политичка одговорност на вицепремиерот Меџити гласаа само тројца пратеници, за вицепремиерот Стоилковиќ и министертот Тошковски седум пратеници, а интерпелацијата на неговиот заменик Исени ја поддржаа 4-ца пратеници.

Успешна беше само интерпелацијата за претседателката на собраниската комисија за социјална политика Илире Даути, поднесена од Левица поради кочење на измените на Законот за бранители. Поддршка доби од 61 пратеник.

Но ова не подразбира и нејзино разрешување.  

- Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. За разрешување или именување на претседатели на комисии се применуваат посебни процедури утврдени со Деловникот на Собранието, законите и Уставот, појаснуваат од Кабинетот на спикерот Гаши, па според ова останува само на добра војла на колацијата Европски фронт предводена од ДУИ дали Даути ќе остане да ја предводи собраниската комисија 

Оттаму денеска со нов напад кон СДСМ кои ја напуштија вчерашаната седница. Прашуваат дали овој чекор е почеток на реализација на договорот Мицкоски-Заев за маргинализација на Албанците во замена за амнестија. 

- Молкот и покорноста пред националистичките агенди не е патот на СДСМ – тоа е патот кон нејзината конечна пропаст. Албанците нема да дозволат да бидат жртвувани во тајните политички зделки. Оние што денес молчат пред овa опасно сценарио, утре ќе сносат одговорност за неговите последици, велат од партијата на Ахмети.

Од СДСМ возвраќаат дека нападите на ДУИ се со цел на прикривање на нивните договори во ВМРО-ДПМНЕ. 

- Со своите неодговорни политики, ДУИ му овозможува на ВМРО-ДПМНЕ дополнително да ја дестабилизира ситуацијата и да профитира политички. Нивната соработка е повеќе од очигледна – заеднички гласаат во Собранието, ДУИ им обезбедува Бадентерово мнозинство, па се до последните скандали, вели Агрон Демири, член на Извршен одбор на СДСМ

За Движењето ЗНАМ пак нејасно е објаснувањето на Кабинетот на Гаши, бараат уште во понеделник ДУИ да предложи нов претседател на собраниската комисија за социјална политика. 

- За нас исходот е многу јасен. Собранието на Република Македонија утврди одговорност кај госпоѓа Даути, таа несомнено го прекршила Деловникот, а санкцијата за прекршувањето на Деловникот е разрешување за оној што го направил тој прекршок, велат од владиниот партнер ЗНАМ.