Позитивни вести од болниците
Со уредни токсиколошки анализи и во подобрена состојба, 16 ппациенти повредени во пожарот во кочанскиот клуб Пулс денеска заминуваат на домашно лекување. Се намалува бројот на хоспитализирани и во државните здравствени установи остануваат 30 и 8 во приватните болници Жан Митрев и Аџибадем Систина. Од 115 –те повредени кои се во странски медицински центри, деновиве осуммина ќе бидат вратени во македонските клиники каде пред заминување дома ќе им биде направена тријажа.
- Да се надеваме дека и нивната состојба ќе се подобри. Вчера беа пет, денеска се четири. Во фаза сме на инфекции кои можат да се јавуваат кај пациенти со изгореници од втор и трет степен. Можни се и секакви компликации. Да се надеваме на најдоброто. Нашите колеги во странство го даваат својот максимум, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Таравари е оптимист дека за две недели ќе се вратат половина од пациентите кои се на лекување надвор од државата. А заминувањето на домашно лекување не значи и крај на процесот на заздравување и рехабилитација која кај некои повредени може да трае со месеци. Наместо за контрол и преврски да доаѓаат во Скопје, пластични хирурзи ќе одат кај нив.
- Голем дел од повредените се токму од Кочани, поради што се разгледува опцијата за испраќање на специјализираниот тим хирурзи во регионот, што би овозможило пациентите да не мораат постојано да патуваат на третмани во други градови. Во Штипската болница веќе има четворица пластични хирурзи, а во зависност од индивидуалната состојба, на некои пациенти ќе им биде потребна рехабилитација од две недели, додека кај други таа може да трае со месеци, изјави Таравари.
Инаку Таравари ги демантираше како што кажа шпекулациите дека дава оставка и кажа дека останува министер за здравство.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар