Свет
15. September 2019 - 14:58

Повторно немирно на протестите во Хонг Конг

Полицијата во Хонг Конг употреби солзавец и водени топови врз демонстрантите кои фрлаа Молотови коктели пред седиштето на локалната влада во градот, бидејќи повторно дојде до насилство откако илјадници продемократски демонстранти тргнаа на марш низ градот и покрај забраната од полицијата.

Демонстрантите шетаа два километра до централниот бизнис кварт  од градот, при што вееја американски и британски знамиња , носеа транспаренти и ги повторуваа повиците за демократски реформи, пренесуваат американските медиуми.

Полицијата го одби барањето на Граѓанскиот фронт за човекови права за оддржување на маршот, по што демонстрантите, сепак, се собраа и ја почнаа поворката низ градот.

-Чуствувам дека е тоа наша обврска. Владата сака да не блокира со забраната, но народот не се плаши, изјави еден од демонстрантите.

Маршот го попречи сообраќајот во тој дел од градот, а многу продавници и стоковни куќи беа затворени.

Некои демонстранти користеа метални огради и канти за смет за да постават барикади на улиците.

Демонстрантите ги палеа кинеските знамиња и уриваа паноа со честитки до кинеската владеачка Комунистичка партија, која на 1 октомври ќе ја прослави 70-годишнината на власта.

Западните медиуми јавија дека се повторија призорите од претходно, со искршени прозорци и уништени надзорни камери на излезите од метро станиците.

Стотици демонстранти потоа го гаѓаа комплексот со владини канцеларии, фрлајќи тули и Молотови коктели преку полициските бариери. Полицијата возврати со истрелување солзавец и употреба на камиони со водени топови.