ПОСЛЕДЕН ПОЗДРАВ: Пријатели, роднини и колеги ја испратија Есма Реџепова во вечниот дом
Голем број колеги, пријатели, почитувачи на ликот и делото на Есма Реџепова денеска на градските гробишта во Бутел се простија од кралицата на ромската музика. Меѓу нив беа Ибуш Ибраимовски, Виолета Томовска, Ванчо Тарабунов, Ферус Мустафов, Драган Вучиќ, Јордан Митев, Борче Нечевски, Борис Трајанов, Амди Бајрам, Весна Петрушевска, Михајло Маневски, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, лидерот на владејачката партија Никола Груевски и други, пишува Телеграф.мк.
Есма беше позната и почитувана во целиот регион. На погребот денеска присуствуваа и медиуми од соседството.
Претходно, во 11 часот, во Градското собрание во Скопје се одржа комеморација на која ѝ беше оддадена последна почит на легендарната Есма Реџепова.
Градоначалникот Коце Трајановски рече дека треба да сме горди затоа што Есма беше меѓу нас.
– Со голема тага и жал се простуваме со Есма и воедно треба да сме горди што беше меѓу нас. Јас ја паметам како човек што секогаш беше насмеан, со позитивна енергија. Беше кралица на ромската и на македонската музика, но јас би кажал и кралица на хуманоста, со која ја претставуваше Македонија низ светот – рече Трајановски.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска за Есма рече дека била исклучителен човек, сакана и почитувана низ целиот свет.
– Веројатно никој од нас не помисли дека токму сега, во овие мигови, нејзиниот живот може да згасне. Беше исклучителен човек, сакана и почитувана низ целиот свет. Голема и неповторлива, кралицата живееше со репутацијата на светски уметник. Есма доби почесно место во легендите на Македонија. Уверена сум дека сето она што Есма го остави ќе живее и многу години по неа преку нејзиното потомство – рече Канческа-Милевска.
Есма Реџепова е родена на 8 август 1943 година во Скопје, а почина вчера, 11 декември, во болница, по кратко боледување. За нејзините дела може да се зборува со денови, може да се напишат книги, може да се снимаат многу филмови бидејќи, пред сè, Есма беше човек.
Таа беше еден од најголемите хуманитарци што живееле во оваа наша земја, а за музиката што ја остави, може само да бидеме горди и да ја чуваме во нашите спомени.
Повеќе фотографии на Телеграф.мк.
Ново на Сител
-
Утре стартува јавната дебата за реформи во судството
-
Само 12% од компаниите имаат вработени ит експерти, Македонија зад европскиот просек
-
Социјално ранливите се борат со глад
-
Преглед на вестите од светот
-
Минималец од 450 евра сега, во март ќе бараме повеќе
-
Тема на денот со Стојанче Ангелов, директор на ЦУК
-
Членови на Десна: Пиштолот секогаш беше близу рацете на Палчо
-
Палевски: Знаев дека ќе ме наместат