Македонија
28. February 2025 - 15:25

Поскапува парното за 2.500 корисници на ЕСМ Енергетика и Скопје Север

Од 1 март за 5,17 отсто се зголемува цената за потрошувачите на топлинска енергија на ЕСМ Енергетика, а за 5,25 отсто поскапува парното за корисниците на Скопје Север – Енерџи еколинк, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Станува збор за вкупен конзум од 2.500 потрошувачи.

-Кога ја соопштивме цената за најголемиот систем преку кој со парно се снабдуваат над 95 отсто од домаќинства, најавивме дека и овие две компании имаат поднесено барање за корекција на цената. Познато е дека поради комплексните геополитички случувања цената на природниот гас на светските берзи е зголемена, поточно во последниот квартал од минатата година имама раст од 16  отсто што е и главна причина и за оваа одлука, посочи претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Овие две компании, додаде, доставија барање за корекција на цената во текот на месец февруари, по што РКЕ изврши соодветни анализи и врз основ на тоа донесе одлуки за корекција на цената за потрошувачите на топлинска енергија за ЕСМ Енергетика и Скопје Север - Енерџи еколинк, која ќе стапи на сила од 1 март.

Како што информира, РКЕ денеска на главна седница донесе и одлука за издавање на две лиценци за вршење на енергетска дејност за регулирано производство и снабдување со топлинска енергија на Енерџи еколинк АД Скопје, додека постапката за издавање лиценца за дистрибуција е во тек.

-Станува збор за топланата позната во јавност како Скопје Север, која од неодамна ја презема приватен инвеститор и ја отпочна постапката за конечно лиценцирање на компанијата која извршува јавна дејност повеќе од 20 години. РКЕ останува на ставот дека секоја реализација на инвестициите што значи подобрување на квалитетот на снабдување и ширење на мрежа со цел зголемување на конзум е со безрезервна поддршка, посебно што станува збор за еколошки и најекономичен начин на затоплување, што се одразува врз сметките за парно – кои се најниски. Анализите покажуваат дека доколку сите исклучени од парно, повторно се приклучат на системот сметките ќе се намалат за околу 10 отсто, истакна Бислимоски.