Македонија
21. October 2015 - 15:41

Поддршка од САД-Јадранската повелба за членство на Македонија во НАТО

Силна поддршка за што поскоро членство на Република Македонија во НАТО даваат министрите за одбрана на земјите-членки на САД-Јадранската повелба во заедничка изјава потпишана денеска во рамки на Сеопфатниот министерски состанок во Дубровник, Хрватска.

Како што соопшти македонското Министерство за одбрана, во изјавата е истакнато дека интеграцијата на Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора во Алијансата е од суштинско значење за стабилноста на целиот регион. Во декларацијата меѓу другото се нагласени и постигнувањата на Македонија и Хрватска во НАТО проектот за балкански регионален пристап кон против-воздушната одбрана – БРААД, што е дел и од НАТО концептот „паметна одбрана“. 

Министерот за одбрана Зоран Јолевски, кој ја предводи македонската делегација, посочи дека Република Македонија посветено работи на приоритетот за Македонија и нејзините граѓани, членството во Алијансата, како и на развојот на регионалните иницијативи, се вели во соопштението. 

На маргините на состанокот министерот Јолевски, остварил средби со Евелин Фаркаш, заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД, министерот за одбрана на Хрватска, Анте Котромановиќ, како и министерот за Косовските безбедносни сили, Хаки Демоли. На средбите, соопшти Министерството за одбрана, беа потврдени одличните билатерални одбранбени односи со земјите. Соговорниците заклучија дека регионалниот пристап во придонесот кон меѓународните мисии е уште една одлична можност регионот да покаже дека поседува исклучително развиени капацитети и способности да биде еден од клучните играчи во воспоставување на глобалниот мир и демократија.

Министерот Јолевски денеска треба да оствари повеќе билатерални средби со министрите за одбрана на земјите од регионот на Југоисточна Европа.

Сеопфатниот регионален министерски состанок продолжува и утре со состанокот на министрите за одбрана на Југоисточна Европа, во рамки на иницијативата СЕДМ.