Почнува мандатот на третата техничка Влада пред парламентарните избори на 8 мај
Единаесеттите парламентарни избори во земјава ќе се одржат на 8 мај, а седмите претседателски избори на 24 април. До формирањето на нова влада до крајот на јуни, земјата ќе ја води техничка влада на чело со премиерот Талат Џафери. Оваа преодна Влада вчера беше избрана со 65 гласа „за“ и три „против“. ВМРО-ДПМНЕ беа во салата, но се воздржаа од гласање додека на седницата воопшто не присуствуваа пратениците од Европскиот сојуз за промени.
Во Владата денеска е предвидено примопредавање на функцијата меѓу досегашниот претседател на Владата, Димитар Ковачевски и Талат Џафери, претседател на преодната Влада. По пристигањето на платото на Владата, планирано е премиерите Ковачевски и Џафери да одржат кратка средба. Се очекува примопредавања на функциите да има во сите министерства.
Џафери во експозето пред пратениците во рамки на 141. пленарна седница рече дека за него, како мандатар на оваа Влада, нема разлика дали станува збор за еден или 100 дена, за техничка или преодна Влада.
-Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта во Република Северна Македонија, рече Џафери.
Џафери повтори дека го прифаќа мандатот со задоволство и полна одговорност и со надеж дека предложените министри ќе ги исполнат очекувањата.
Приоритет на оваа преодна Влада е одржување на редовните претседателски и парламентарни избори на фер и демократски начин, но Џафери рече дека тој и Владата што ќе ја предводи се обврзуваат на продолжување на усвоените политики на претходната Влада на премиерот Димитар Ковачевски.
Владата, како што кажа, има мандат за реализација на истакнатите приоритети врз основа на стратешките определби за целосна и забрзана интеграција и полноправно членство на државата во Европската Унија до 2030 година, за успешно функционирање и придонес за заедничката државна, регионална и европска колективна безбедност во рамки на НАТО сојузот, за ефикасно спроведување на успешните политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и забрзување на растот и економскиот развој, како и целосното продолжување на политиките за поддршка на социјалните, здравствените, образовните, културните и цивилните потреби и приоритети на граѓаните.
Во составот на преодната влада прв заменик - премиер на Владата и вицепремиер за европски прашања е Бојан Маричиќ, а Артан Груби е министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Панче Тошковски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е министер за внатрешни работи, а Ѓоко Велковски министер за труд и социјална политика.
На досегашните места остануваат Кренар Лога - министер за правда, Бујар Османи - министер за надворешни работи, Фатмир Бесими - министер за финансии, Крешник Бектеши - министер за економија, Љупчо Николовски - министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити - министер за здравство, Јетон Шаќири - министер за озбразование, Ристо Пенов - министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска - министерка за култура, Азир Алиу - министер за информатичко општество и администрација, Благој Бочварски - министер за транспорт и врски, Каја Шукова - министерка за животна средина, Фатмир Битиќи - министер без ресор задолжен за економски прашања и Славица Грковска - министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.
За дополнителен заменик министер за финансии на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е избрана Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Во расправата за избор на третата техничка Влада се вклучија осуммина пратеници, меѓу кои и лидерот на ДУИ Али Ахмети. .
Ново на Сител
-
Тема на денот со Биљана Митева, претседател на Македонско-Бугарска Стопанска Комора
-
Масовни протести во Белград по несреќата во Нови Сад: Српските служби ја продолжуваат истрагата
-
Расчистено убиството во Арачиново
-
Ризик од корупција и судир на интереси во Академијата за судии и обвинители?
-
Бизнисот на удар од корупцијата
-
Инспекторите ги чешлаат универзитетите
-
Се позачестени несреќите на планина
-
Виртуелна прошетка низ Трескавец