Македонија
29. August 2024 - 16:30

Почнаа уписите за нови студенти

Почна уписот на новите студенти. Близу 10 илјади слободни места на 23 факултети на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и уште толку на останатите универзитети се достапни за идните бруцоши. Најголем број на слободни места има на ПМФ, Финки и на Филозофски факултет.

Иако годинава е намален бројот на слободни места, најинтересен за школување за идните студенти е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, а таму годинава се достапни вкупно 1020 слободни места. Идните академски граѓани очекуваат по студиите да најдат работа дома во Македонија, но не кријат дека доколку добијат примамлива понуда ќе заминат и во странство.

На Филозофски најбарани се студиите по психологија, но само 60 студенти ќе можат да се запишат на овие студии. Деканот Ратко Дуев задоволен од интересот на новите бруцоши, оечкува да биде пополнети сите достапни места...

Правниот факултет е високо на листата најбарани факултети. Иако последните години опаѓа бројот на нови студенти, од деканатот очекуваат годинава таа слика да се промени и да бидат запишани многу студенти на сите студиски програми.           

Редовните студенти кои ќе успеат да влезат во државна квота ќе плаќаат партиципација од 200 еврагодишно, а оние во приватна квота и вонредните студенти ќе плаќаат 400 евра годишно.

Резултатите од првиот уписен рок на УКИМ ќе бидат објавени на 3 септември, конечната ранг-листа на 6 септември, а на 11 и 12 септември ќе биде запишувањето на примените кандидати.

Вториот уписен рок на скопскиот универзитет е на 17 и 18 септември и третиот на 27 септември 2024.