Македонија
30. јуни 2016 - 12:36

Почна жетвата во Пелагонија

Почна жетвата на јачменот во Пелагонија, а утре ќе бидат ожнеани првите хектари од годинешниот род на пченицата.

Според Илија Србиновски, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со седиште во Битола, жетвата се одвива непречено и според планираната динамика.

-Во битолскиот дел на Пелагонија ожнеани се 2.500 хектари под јачмен и тоа е половината од годинешните посеви. Задоволни сме од досегашните приноси бидејќи тие се движат од 3 до 4 тона по хектар во зависност од локацијата на површините. Утре официјално почнува и жетвата на пченицата и ќе се жнее на повисоките, ридни површини како што се атарот на селата Кременица, Живојно и Бач, истакна Србиновски.

Од П.Е. на МЗШВ информираа дека денес завршува пријавувањето за субвенции за одгледување на разни земјоделски култури.

-На огласот за субвенции поднесени се околу 5.000 апликации, од нив 4.500 директно во нашите простории на МЗШВ во Битола, а 500 апликации регистриравме по електронски пат, потврди Србиновски.