Побарано изземање на обвинителката во случајот со убиствата на Вања и Панче
Љупчо Палевски кој одговара за убиството на Вања и Панче, побара изземање на јавната обвинителка. Тврди дека обвинителката Крстевска-Јосифовска, не проверила дали обвинетите поседувале оружје и дозвола за него, а ниту ги прашала дали поседуваат оружје. Во доказите ја немало и чаурата најдена на местото кај што е убиен велешанецот, тврдеше во судницата Палевски.
„Боре Видевски поседува пиштол „зброевка“ со дозвола и пушка „мозберг“. Зошто јавната обвинителка тоа не го зела предвид, не знаеме“, рече во судницата Палевски.
Палевски рече дека правдољубиви вработени од МВР му испратиле фотографии од кои се гледа дека Видевски поседувал оружје и дозвола за истото. Во барањето за изземање понуди и записници од испитување на обвинетите кои укажувале дека обвинителката Крстевска-Јосифовска не ги прашала дали поседуваат оружје со дозвола. Таа пак зачудена е како Палевски стасал до тие документи.
Одбраната се сомнева во можна спрега меѓу обвинителството и другите обвинети. Заедно работеле да го поврзат Палевски со двете убиства.
„До сега, во текот на оваа постапка немаат ниту едно прашање да постават или да приговараат на било каков доказ. Тоа ни укажува дека во конретниот случај можеби тие се заложници во овој кривично правен настан. Мислам дека веќе можеби преговарале за исходот на оваа постапка“, изјави Маријан Витановски, Адвокат.
Обвинителството уверува дека поседува докази за поврзаноста на Палевски со двете убиства. Барањето за изземање го одложило прикажувањето на тие материјали.
„Очигледно е дека со презентирањето на видео записите се приближуваме кон делот кога јавноста ќе биде запознаена кои дејствија конкретно ги превземал обвинетиот Палевски кој цело време негира дека учествувал во предметните настани“, изјави Жаклина Крстевска Јосифовска, Јавен обвинител.
Судењето продолжува во понеделник. Тогаш ќе се дознае дали Државниот обвинител ќе го прифати барањето на Палевски за изземање на обвинителката од овој случај.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар