Македонија
10. February 2024 - 9:03

По состанокот на поддржувачите на Таравари во Куманово, денеска во Скопје состанок на поддржувачите на Села

По состанокот на Алијанса за Албанците во Куманово на кој присуствуваше претседателот на партијата, Арбен Таравари и на кој со декларација беше потврдена коалицијата со албанскиот опозициски блок, за денеска во Скопје е закажан состанок свикан од претседателот на Централното собрание на партијата Зијадин Села. 

Во поканата за денешниот состанок, како прва точка на дневен ред е извештајот на претседателот на партијата околу политичките случувања во врска со наредните претседателски и парламентарни избори, а втората точка е разгледување на одлуката на Претседателството на партијата од 21 октомври минатата година, околу настапот на партијата на парламентарните избори. 

Села вчера во изјава за медиумите рече дека на состанокот е поканет и Таравари, а негово е дали ќе дојде или не.

-Го имам покането, како и секој друг член на Централното Собрание со јавна покана. Негова работа е дали ќе дојде или не. Местото му е да дојде таму, рече Села.

Од крилото на Села, собирот во Куманово го оценуваат како нелегитимен потенцирајќи дека на состанокот имало помалку од 40 членови, а не 75 како што било кажано.

- Тој настан не беше Собрание, зашто се знае врз основа на Статутот, дека може да го свика претседателот на Собранието на партијата и има рок од седум дена. Легално Собрание на Алијансата за Албанците ќе биде тоа свикано за в сабота во 13 часот во Скопје. Тоа е легално  и процедурално врз основа на Статутот и правните процедури, рече вчера пратеникот Аднан Незири.

Од крилото на Таравари вчера во изјава за медиумите најавија дека нема да присуствуваат на денешниот состанок. 

Пратеникот Халил Снопче, кој го поддржува претседателот на партијата, рече дека ниту Таравари, ниту  членовите на Центраното собрание кои застанале зад партискиот претседател, нема да присуствуваат на Централното собрание закажано од Зијадин Села.