Македонија
25. February 2022 - 15:17

Пендаровски: Ме загрижува тоа што Македонци ја поддржуваат Русија

Вчера имаше вонредна седница на Советот на НАТО со заклучок дека има напад врз цела територија на една суверена земја, што е без преседан, а тоа е сериозен обид да се нарушу архитектурата на безбедноста во Европа, вели за Утрински брифинг претседателот на Македонија Стево Пендаровски.

-Ние сме членки на НАТО, индикативно ми е што состанокот на ЕУ траел долго, а состанокот на НАТО траеше точно 60 минути, говореа сите и заклучокот беше еден: Русија е агресор. Во однос на санкциите, тоа се главно финансиски санкции и не нерувам дека ќе имаат поголем ефект. Голем дел од операциите во Украина се финансирани и со биткоини а тоа не може да се сопре, вели претседателот Пендаровски.

Руската Федерација има 500 милијарди долари резерви и може да издржи тотална војна со Украина цели две години. Пендаровски потсетува дека според разузнавачки информации, предупредувањата дека Путин ќе влезе во Украина се од пред пет месеци.

-Немам никакви комуникации со рускиот амбасадор, а веројатно нема ни владата, но бидејќи како членка на НАТО се приклучивме кон санкциите и очекувам реципрочна мерка. Во политичкиот дел исто така очекувам мерки, бидејќи односите не ни се добри веќе две години. Во однос на безбедносните консеквенци ако Путин ја освои Украина, на Западен Балкан најранливата точка е Бањалука, велипретседатеот Пендаровски за Утрински брифинг.

Тој додава дека е очигледно оти има постојан канал на комуникации меѓу Владимир Путин и Милорад Додик.

Во Македонија има забележителен број луѓе кои негуваат пријателски чувства кон Русија, но има и луѓ кои имаат симпатии кон Путин.

-Во Македонија ќе се случува збивање на редовите пред она што се оценува како заедничка опасност и ризик, исто како што има во НАТО и ЕУ. Оти ова е нецивилизирано однесување. Нема никакво оправдување за ова што го прави Путин и го вели – дека Украина има профашистички режим, а притоа е предводена од еден Евреин, вели Пендаровски.

-Неспорно е дека македонскиот народ има симпатии кон Русија поради религијата, јазиците и словенскиот етникум. Она што мене ме загрижува е дека во политичка смисла етничките Македонци се вртат кон политичките ставови на Русија. Особено загрижувачки е што над 40 отсто од јавноста смета дека алтернатива на ЕУ е Евроазиска унија, а некои од партиите се предоминантно за оваа опција што може да направи проблем околу идните процеси, вели Пендаровски за Утрински брифинг.

Пендаровски вели дека нема сомнеж во западната политичка ориентација на гполитичките партии. Но, кај граѓаните бројките велат друго. Тој додава дека на некои следни избори ќе треба да се калкулира и да се адаптира политичката програма и говор.

-Голема политичка штета прави тоа што нашите западни партнери по промената на името не ги започнаа преговорите со Македонија. Оти како да им се објасни на граѓаните неисполнувањето на вториот дел од референдумското прашање?, вели Пендаровски.

Пендаровски вели дека Бугарија е побитен стратешки партер за НАТО од Македонија и евентуално може да дојде до омекнување на нивниот став по завршувањето на украинската криза. Западниот Балкан е објективно заборавен од ЕУ. Ние 17 години чекаме да почнеме преговори, а србија и Црна Гора веќе 10 години преговараат. Која е перспективата на луѓето што ние им ја нудиме? Сите се согласуваат дека Западниот Балкан е неправедно запоставен, а Европа го гледаше Балканот само од призма на бегалскиот бран.

-Не сум оптимист дека можеме да имаме продуктивна лидерска средба со партиите. Кога се повикува на лидерска средба тоа значи дека Парламентот не функционира. Второ, треба да има согласност од двете страни, а тоа нема. Им предложив на двете најголеми партии да присуствуваат на Советите на безбедност што ги организирам, но не се согласија. Предложив службите да ги информираат. Се надевам дека ќе има позитивна реакција на тоа службите да ги информираат партиите за состојбите и во државата и надвор од неа, вели Пендаровски за Утрински брифинг.

На вчерашниот Совет за безбедност се разговараше не само за безбедносните аспекти, туку и за аспектите кои се битни за живот во државата.

-Проценките се однесуваат на реалните факти изнесени од премиерот. Ние сме пополнети во Стоковите резерви. Проблем ќе биде ако ова со Украина потрае подолго. Тогаш ќе треба да правиме интервентни увози. Србија донесе одлука да не прави извоз на животно битни ресурси. На берзите се качија цените не само на нафтата туку и на житото, вели Пендаровски за Утрински брифинг.

Во врска со инсистирањето на опозицијата за вонредни парламентарни избори Пендаровски вели дека тоа ја закочува државата и процесите, а изборите ја забавуваат целата економска и политичка динамика. Пендаровски додава дека сепак ако парламентот со мнозинство изгласа предвремени избори тој тоа ќе го прифати.