Македонија
30. December 2023 - 16:33

Парцијални решенија не го решаваат проблемот со загадувањето

Наместо дебата,  конкретни мерки и активности на терен за решавање на проблемот со загадениот воздух бараат еко активистите од  Струмица. Според нив неопходни се инвестиции во опрема и мерни станици во сите населени места за да се дојде до многу попрецизни информации кој и колку загадува. Сметаат дека еден инспектор за животна средина не е доволен и затоа бараат дополнителни вработувања.

Градоначалникот на Струмица вели проблемот е сложен и не може да се реши преку ноќ. Најави дека општината веќе реализира проекти  како што се новиот Генерален урбанистички план со кој е предвидено максимализирање на зелените површини во урбаниот опфат кои од постоечките 40 се зголемуваат на 84 хектари и имплементацијата на електрифициран јавен превоз  кој меѓу другото  оди и во насока на справувањето со аерозагадувањето. Но според него неопходни се и други мерки и затоа предлага координативно тело кое ќе презема краткорочни мерки и решенија.

Од општината се надеваат дека во решавање на проблемот со аерозагадувањето ќе помогне и проектот со УНДП кој чини 20 милиони денари, а во кој Општината ко финансира 10 милиони денари преку кој се вршат повеќе мерења внатре во институциите за да се види  состојбата со воздухот во самите институции. Резултатите  ќе бидат основен индикатор  при изготвување на акцискиот план.