Свет
2. October 2024 - 8:12

Папата Франциск побара прошка за сексуалната злоупотреба и третманот на жените во Црквата

Папата Франциск вчера водеше молитвена миса во која побара прошка за пропустите на Католичката црква, вклучувајќи го и третманот на свештенството кон жените и жртвите на сексуална злоупотреба, додека католички водачи се подготвуваат за едномесечниот синод во Ватикан.

На церемонијата во базиликата Свети Петар, сведочеше и жртва на злоставување која пред стотици бискупи рече дека скандалите со злоупотреба „ја разнишаа верата на милиони и го нарушија угледот на институцијата на која многумина се угледуваат за лидерство“.

Папата во неделата се врати од патување во Белгија, каде што се соочи со најжестоките критики упатени за време на едно од неговите патувања во странство.

Белгискиот крал и премиер повикаа на поконкретна акција за справување со скандалите со злоупотреба, додека двајца лидери на католички универзитети го отфрлија ставот на Папата за улогата на жената во црквата и општеството.

Седум кардинали, највисоките личности по папата во Црквата, која има повеќе од 1,4 милијарди верници на глобално ниво, на вчерашната миса побараа прошка за разните пропусти на Црквата.

Франциск на присутните им кажа дека барањето за прошка го напишал сам „затоа што беше неопходно да ги ословиме нашите гревови со име и презиме“.

И пензионираниот бостонски надбискуп, кардиналот Шон О’Мали, водачот на ватиканската комисија за сексуална злоупотреба на свештенството, побара прошка.

Поранешниот бискуп од Далас, кардиналот Кевин Фарел, шеф на одделот за лаици во Ватикан, побара прошка „за сите времиња кога не успеавме да го препознаеме и одбраниме достоинството на жената“.

Франциск рече дека мисата е со цел „да почне зараснување на раните кои никогаш нема да престанат да крварат“.

– Бараме прошка, чувствувајќи срам, од оние кои се повредени од нашите гревови, рече папата.

Синодот на Ватикан почнува денеска и ќе присуствуваат кардинали, бискупи и лаици од повеќе од 110 земји во светот.

Членовите на Синодот кон крајот на октомври ќе гласаат за конечниот текст кој може да донесе промени на доктрината.

На минатогодишниот синод се разговараше за прашања кои ја делат црквата, како што се ракополагањето на жените и благословот на истополовите парови.

Но, за повеќето од најконтроверзните прашања ќе одлучуваат работни групи кои ќе го достават својот конечен извештај до папата Франциск (87) следниот јуни.