Македонија
27. July 2016 - 10:56

Отворена изложбата „Скопје 63-виртуелни изложбени тури“

Во рамки на одбележувањето 53 години од катастрофалниот земјотрес, што во 1963 година се случи во главниот град, синоќа беше отворена  изложбата „Скопје 63-виртуелни изложбени тури“. 

Изложбата ја отвори градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

- Дури и по 53 година од најтрагичните мигови на поблиското минато на Град Скопје, во многу скопски семејства неизбришливи се сеќавата на утрото на 26 јули 1963 година. Во седумнаесетте секунди силен татнеж, згаснаа 1.070 животи, илјадници семејства ги изгубија своите домови, трајно или делумно беа оштетени голем број објекти од јавен карактер, а значителен дел од улиците беа речиси непроодни, потсети Трајановски во Музејот на Град Скопје.

Траорниот настан, како што рече, означи почеток на еден нов развој, урбанизација, ново видување за иднината на економскиот и административниот центар на државата.

- Собраниот и обединет свет, со неизмерна верба и љубов, помогна во градењето на новото Скопје, кое стана симбол на човековата пожртвуваност, хуманост и солидарност. На бреговите на Вардар израсна нов, современ, убав град во кој секоја генерација остава свои траги и белези со кои таа се препознава и идентификува, рече Трајановски.

Според него, најсоодветна претстава за тоа каква трагедија му се случи на нашиот град дава и изложбата „Скопје 63-виртуелни изложбени тури“ и упати благодарност до кураторот Јасмина Намичева и директорот Томислав Микулчиќ, кои работеа на нејзино поставување.

Годинава Музејот почна со дигитално-виртуелно претставување на конвенционалните изложбени концепти, со што ќе им понуди на граѓаните многу поголем број информации. Виртуелниот концепт на претставување на музејскиот материјал ќе биде постојано надополнуван со нови идни концепти со што ќе се создаде база за создавање на Виртуелен музеј на 26 јули. На тој начин сите информации и предмети кои Музејот на Град Скопје ги собираше изминативе години ќе бидат достапни за граѓаните на светот еднакво како и за граѓаните на Македонија, презентирани на неколку светски јазици.

Изработени се виртуелни изложбени тури со 360 степени приод до четири конвенционални изложби, каде посетителите на веб страниците на Музејот на Град Скопје и на Град Скопје, ќе имаат можност интерактивно да ги одбираат и разгледуваат содржините по сопствен избор во текот на целата година. Направен е избор од четири изложби во продукција на Музеј на Град Скопје на следните теми: 2006- Граѓаните на светот за граѓаните на Скопје, 2009-Скршениот град, 2013-Скопје 63-одбележување на 50 години од земјотресот и 2014-Скопје 63 –Филмска хроника на едно време.

Изложбата е збогатена со предмети што ги надополнуваат информациите за скопската трагедија, благодарение на соработката на Музејот на Град Скопје со Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет–Скопје,  Кинотеката на Македонија, Црвениот Крст на Град Скопје и амбасадите на Шпанија и Бугарија и Генералниот конзулат на Кралството Данска.