Македонија
16. February 2016 - 14:21

Отворен конкурсот за социјално претприемништво кај младите

Кај младите во Македонија има претприемачки дух, но им е потребна поддршка за да може да ја развијат својата идеја, сметаат организаторите на конкурсот за социјално претприемништво во Македонија „Младиинфо интернационал“.

- Ваквите програми ја нудат потребната поддршка што им е неопходна на младите креативни луѓе кои ги има многу, особено во доменот на социјалното претприемништво кое кај нас е во зародиш, истакна Марија Матовска, координаторка на наградата за социјалното претприемништво во Македонија.

Конкурсот се организира втора година по ред и е отворен од денеска до 27 април, а на него ќе може да аплицираат сите млади луѓе кои имаат некоја креативна идеја со која се решава одредено социјално прашање.

- Наградата е замислена да биде поттик за младите луѓе пред се студентите да аплицираат со свои иновативни бизнис идеи кои имаат општествено влијание, рече Матовска. 

По затворањето на конкурсот ќе бидат избрани 10 финалисти, а во септември се очекува да бидат прогласени најдобрите три бизнис проекти кои ќе бидат наградени со парични награди од 3.000, 2.000 и 1.000 евра обезбедени од Шпаркасе банка. Покрај паричните награди, ќе се додели и една дополнителна награда од заедницата, која ќе добие дополнителна поддршка во развивање на идејата.

Наградените ќе добијат и бесплатно патување во Виена каде ќе се сретнат со останатите млади претприемачи од целиот регион. 

На минатогодишниот конкурс имаше 30 апликации од кои како најдобри беа прогласени „Добра земја“ од областа на здравото и органското производство на храна, потоа тимот на „Кулинари 2.0” кој својата идеја за социјален бизнис ја развива во областа на гастрономијата, а третата награда ја освои тимот на „Концентрациска соларна електрана“ за енергетска одржливост. Специјалната награда од публиката беше доделена на идејата „Мој воздух“, мобилна и веб апликација која ги информира корисниците колку е загаден воздухот во нивната средина. 

Наградата е поттикната од Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna. Присутна е во 12 земји во Европа.