Македонија
15. October 2024 - 19:58

Османи нуди план за менување на уставот - да се вметне клаузула за суспендирање на уставните измени

Поранешниот шеф на македонската дипломатија Бујар Османи нуди предлог како да се спроведат уставните измени. Со вметнување на клаузула во Законот за спроведување на Уставот според која измените нема да важат ако Бугарија во наредните пет години продолжува да го блокира нашето членство во ЕУ.

„Ние треба да ги реализираме уставните измени. Еве јас одам еден чекор понапред, доколку уставните измени се направат денес, ние слободно можеме во Законот за спроведување на Уставот да вметнеме клаузула со која се вели, доколку во наредните 5 години Бугарија продолжува да спречува Северна Македонија за работи кои немаат врска со Европската Унија, Парламентот да има за право да ги суспендира уставните измени, но тие да стапат на сила сега“, рече Османи во Дејли Клик на ТВ21.

Од влада не веруваат во неговите искрени намери на Османи за решавање на процесот. Велат дека тој најмалку има кредибилитет да зборува за оваа тема.

Македонската влада останува на ставот дека нивниот предлог се уставни измени со одложено дејство. Премиерот Мицкоски веќе подготвува писмо до европските челници со нови предлози како да продолжат преговорите со ЕУ, откако Македонија беше раздвоена од Албанија во интеграциите.

Опозицијата пак најавува дека нема да ја кочи иднината на земјата за политичка корист и дека ќе даде поддршка за секое решение или подобра позиција која ќе ја договори Владата, но само ако тие решенија се реални и остварливи.