Македонија
18. March 2019 - 11:04

Општина Струмица бара построга регулатива за незаконско фрлање отпад

Апелираме до законодавната власт законската регулатива за јавна чистота да биде малку построга за да може граѓаните да бидат поодговорни кон средината во која живеат,  истакна градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски по почнувањето на големата акција за чистење на дивите депонии во општината.

По чистењето на старите депонии на нивно место никнуваат нови, а според градоначалникот Јаневски, една од мерките е заострување на казнената политика.

-Нашите комунални инспектори и редари излегуваат на терен и досега се изречени многу казни. Морам да забележам дека или казните не се доволно големи или не се операционализираат до крај во смисла на ефектуирање на казните. Има субјекти кај кои се изречени повеќе казни, дури 20-30 казни изречени со решенија, но и понатаму има разни законски пречки кои овозможуваат казните да не се наплатат, рече градоначалникот Јаневски.

Според него, во последно време свеста на граѓаните е малку повисока и дека тие сами реагирале. Се надева дека полека лошите навики за фрлање отпад и создавање диви депонии ќе исчезнуваат, а општината нема друг начин освен упорно да ги чисти депониите и тоа ќе даде резултат.

Општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ завчера почнаа заедничка акција за чистење на големи диви депонии. Според информации од комуналното претпријатие собрани се околу 600 кубни метри отпад, а во чистењето на депониите беа вклучени 4 машини за товарење на отпадот и 12 камиони.

Се чистеа дивите депонии до патот Струмица-село Вељуса, кај селото Водоча, на влезот во село Просениково и кај гробиштата во село Добрејци, а акцијата за чистење продолжува и во наредните денови.