Свет
31. August 2017 - 8:48

Опасност од експлозија во поплавена хемиска постројка во Тексас

Во хемиска постројка на компанијата „Аркема“ во Крозби, Тексас, би можело да дојде до експлозија откако таа остана без електрична енергија по поплавите предизвикани од ураганот „Харви“, соопштија локалните власти.

„Аркема“ соопшти дека се евакуирани мал број преостанати работници од постројката во Крозби, која се наоѓа околу 32 километри североисточно од Хјустон.

Пожарникарската служба на округот Харис им наложи на жителите кои живеат во радиус од 2,4 километри околу постројката да се евакуираат. 

Компанијата соопшти дека во понеделникот врз објектот наврнале 101,6 сантиметри дожд. Оваа постројка произведува хемикалии кои мора да се чуваат на ниски температури. Поради поплавите, магацините останале без снабдување со струја, а генераторите се во дефект.

- Зголемените температури во магацините би можеле да доведат до хемиски реакции кои би предизвикале пожар или експлозија, предупредува „Аркема“.