Бизнис
6. January 2021 - 8:30

Охрабрувачки бројките во економијата во последниот квартал од 2020 година

Година на рестарт и заживување во 2021, најавува премиерот Зоран Заев, во која клучни ќе бидат капиталните инвестиции, инфраструктурата, енергетиката, дигитализацијата и земјоделството, но ќе има и соодветен одговор на предизвиците.

-И покрај сите предзивици со кои се соочивме, можам да кажам дека во 2020 година успеавме да им го испорачаме тоа што им го ветивме на граѓаните. Минатата, 2020-та, не научи да бидеме погрижливи, посолидарни и сплотени, покажа дека кога има криза најважно е да сме здружени. Затоа Владата беше фокусирана на поддршка на секој граѓанин на кој му е потребна потпора, 2020 покажа дека инклузивното креирање на политиките и водењето грижа за потребите на луѓето, носат стабилност и раст на економски план, рече денеска премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими.

Според министерот за финансии изминатата 2020 година беше тешка, но успеавме и 2021 ќе биде тешка, но ќе успееме.

-Годината што помина беше исклучително тешка од здравствен, економски и социјален аспект во целиот свет и кај нас. Се случи најголемата светска економска криза и здравствена криза на светско ниво. Во 2009 година на светско ниво БДП контрахираше околу 0,1 процент, а во 2020 година 4,4 проценти. Кај нас во 2009 година имаше негативен раст од 0,4 проценти, а во 2020 година според планираното падот на БДП е 4,4 проценти што е околу 11 пати повеќекратен ефект врз нашата економија, рече Бесими.

Посочи дека со сите четири досегашни пакети на антикризни мерки во нашата економија се вбризгаа околу една милијарда евра за претходната година и за годинава што следи или околу 10 проценти од БДП. Беше обезбедена директна финансиска поддршка за околу 500 илјади најпогодени граѓани од кризата, и зачувани преку 100 илјади работни места во преку 20 илјади претпријатија погодени од кризата.

-И во време на пандемија, во консулатција со стопанските комори, синдикатите, академската фела и граѓанскиот сектор, обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите, задржувајќи ги вработените каде што е тоа можно. Македонската економија е стабилна, жива и динамична, не дозволивме потрошувачката да запре, а тоа е можно сако ако добро се планира и ако брзо, соодветно и паметно се реагира. Ефектите се видливи. На економски план, се покажа дека борбата за спас на работните места е најправилната и најчовечната стратегија, подвлече премиерот Заев, кој најави дека овој месец ќе се одвива дебатата за креирањето на следните економски пакет-мерки, а во февруари ќе се носат мерките за 2021 година.

По божиќните празници ќе почне дебатата со сите релевантни чинители, за да се димензионираат следните пакети за помагање, посочи премиерот. Појасни дека околу 10 јануари ќе се согледаат сите аспкети за здравственото влијание на кризата, а преку тоа и економските последици.

-Очекуваме во јануари да се развие дебатата, а во февруари ќе се носат мерките. Сакам да ве уверам дека Владата долг период работи на создавање услови за излез од кризата која треба да се искористи како неповторлива, уникатна можност за економски скок. Се што имаме како ресурс да се стави во функција на развој, а конечлниот импакт да биде стандардот на граѓаните. Се што е потенцијал, ќе се стави на располагање, а доминантна ќе биде енергетиката, потенцира Заев.

Презентираните бројки покажуваат дека вкупните даночни проиходи во 2020 година се релализирани во износ од 189,8 милијарди денари или 96,7 отсто од планираното, директините даноци имаат остварување од 99,5 отсто што е раст од 2,3 проценти споредено со 2019 година. Позитивен тренд од јануари до декември бележат и придонесите кои достигнаа 102 отсто или два процента повеќе од планираното. Вкупните расходи на Буџетот се 243,7 милијарди денари или 96,4 отсто од годишно планираниот износ. Стоките и услугите се намалени за 85 проценти од ребалнсот или за пет отсто помалку од 2019 година, што е доказ за штедливото однесување на трошењето на јавните пари. Позитивни бројки, според премиерот, се бележат и кај капиталните расходи кои во 2020 година изнесуваа 16,1 милијарда денари или 82 отсто од планираната реализација. Годината ја завршивме со буџетски дефицит од 53,9 милијарди денари или 8,1 отсто од проектираниот БДП.

Според министерот за финансии бројките во економијата се охрабрувачки и во четвртиот квартал од 2020 година .Во октомври извозот бележи раст од 5,6 проценти, искористеноста на капацитетите во преработувачката индустрија достигна ниво на 68,5 проценти во ноември и се доближува на процентот пред кризата кога била 71,4 проценти.

Според презентираното има зголемување од 4,45 проценти на бруто наплатата на ДДВ во декември 2020 година, што според премиерот е  најеклатантен доказ за зголемената лична потрошувачка и економска моќ на граѓаните, како и за растење на самата економија во време на силен бран на пандемијата со Ковид-19/

Лична потрошувачка на граѓаните,како што рече премиерот, е најголем дел од БДП во државата и верува дека во иднина ќе биде се поголема и поголема заради тоа што нашиот народ ќе биде економски помоќен.

Во иднина, потенцира, очекуваме да ни растат и услужните дејности како дел од БДП, да јакне и домашната продукција и производство за да расте БДП во државата, а сето тоа е поврзано со економскиот стандард на граѓаните од каде доаѓа и личната потрошувачка.

-Верувам дека веднаш по поминувањето на кризата ќе го видиме повторно убавиот позитивен тренд на растење на минималната  и просечната плата во државата и севкупните примања на граѓаните, потенцира премиерот Заев.