Македонија
9. December 2023 - 16:37

Одводни канали против поплави

Ризиците од поплави општина Босилово ќе ги намалува со изградба на одводни канали. Дел од  нив веќе се изградени и треба да помогнат за надминување на проблемот кој со години ги мачи  граѓаните што живеат тука. Каналите чинат околу 180 000 евра, а средствата за нивна реализација се обезбедени преку Интерег Ипа програмата за прекугранична соработка, општинскиот буџет и министерството за локална самоуправа.

Каналите ги опфаќаат централните подрачја на три населени места со цел да се обезбеди побрз проток на водите и заштита на станбените објекти кои секогаш се први на удар за време на поројните дождови и излевањето на речното корито на река Струмица.

Од општина Босилово најавуваат дека овој проект ќе продолжи и во иднина. Очекуваат поголем ангажман и поддршка и од останатите надлежни институции  за превенција и спречување на поплави кои во изминатите десетина години претставуваат еден од најгорливите проблеми во овој регион. Последната голема поплава која се случи на територијата на Босилово беше во 2021 година. Тогаш материјалната штета беше проценета на  околу  2 милиони евра.