Свет
3. March 2025 - 11:08

Одеци по лондонскиот самит: Чекор напред со многу ветувања, а малку конкретни одговори

Дури и по петочната трауматична епизода во Белата куќа, Европејците изгледа како се уште да не сакаат да ја признаат новата трансатлантска реалност и наместо да одат напред без американскиот претседател Доналд Трамп, тие губат од скапоценото време на Украина чекајќи го Вашингтон, оценуваат новинските аналитичари во Брисел во освртите на вчерашната европска лидерска средба во Лондон.

Наспроти искажаната поддршка за Украина, според овие анализи, некои европски лидери му сигнализирале на Киев дека попрво би сакале да ги поправаат односите со Вашингтон, отколку да продолжат без САД.

Во коментарите се оценува дека европските лидери дале многу ветувања, но малку конкретни одговори.

Европски дипломат по средбата оцени дека постоела согласност околу важност на продолжување на тесната соработка со САД во рамките на НАТО, како и дека идните европски придонеси за дополнителни безбедносни гаранции мора да се усогласуваат со САД.

Во пресрет на состанокот, неговиот домаќин, британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте се обиделе да го убедат украинскиот претседател Володимир Зеленски да најде начин за „да ги обнови“ односите со Американската администрација, и покрај јасните пораки на Трамп дека не сака Украина да продолжи да се бори.

Стармер соопшти дека пред самитот разговарал со Трамп за да ги координира неговите предлози, порачувајќи дека Европа „мора да го преземе тешкиот товар“, но дека за таквите напори „мора да има силна поддршка од САД“.

Според него, САД се уште се „сигурен сојузник“ на Европа и дека Европејците се согласуваат со Трамп од итната потреба за траен мир, па затоа „треба заедно да испорачаат“.

Стармер рече и дека „голем број земји“ изразиле желба да и понудат безбедносни гаранции на Украина доколку се постигне прекин на огнот, најавувајќи дека Велика Британија и Франција ќе работат со Киев за подготовка на мировен план, што ќе му биде претставен на Трамп.

Во прилог на тоа е и идејата, што ја поддржа францускиот претседател Емануел, за прогласување едномесечен прекин на огнот во Украина.

Засега, според анализата на „Политико“, сепак е нејасно како Европа ќе го убеди рускиот претседател Владимир Путин да седне на маса за да преговара за нивниот потенцијален мировен план, особено што се очекува Москва да биде понаклонета кон пристап предводен од Белата куќа.

По вчерашната средба во Лондон, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта изјави дека дискусиите на неа биле „корисни и важни“ во пресрет на специјалниот Самит на ЕУ в четврток, на кој, според него, лидерите „треба да бидат подготвени да донесат одлуки“.

Во прилог на ова е и изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која најави дека на Самитот в четврток ќе претстави „сеопфатен план“ за одбраната.

Со ова, за разлика од претходните два собири во сличен формат, оној што го организираше Макрон на 17 февруари во Париз и онлајн лидерскиот состанок одржан неколку дена подоцна, од кои не произлегоа никакви конкретни планови, според оценката на „Еурактив“, се чини дека во Лондон барем е направен прв чекор напред по последните неколку недели безидејност.

Но, во ваквата состојба Европа страда од недостиг на лидерство, со премногу готвачи, но без јасен глас кој ќе раководи со кујната, а се добива и впечаток дека Европејците и не сакаат да продолжат сами без САД.

На тој план најдалеку отиде високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, која порача дека „на слободниот свет му треба нов лидер“ и дека Европејците треба да се нафатат на овој предизвик.

Според аналитичарите, Германија, која за време на претходната администрација на Трамп под водство на тогашната канцеларка Ангела Меркел се сметаше за европски лидер, овој пат не е во таква позиција, барем не додека не биде формирана новата Влада во Берлин.